Кардиналот Зупи повторно е во Москва за барање патишта за мир во Украина

Кардиналот Зупи повторно е во Москва за барање патишта за мир во Украина

Претседателот на италијанската бискупска конференција, кардиналот Матео Зупи, на 14 октомври 2024 година започна нова посета на Русија, како дел од мисијата што му ја довери Папата минатата година.

По шеснаесет месеци, кардиналот Матео Зупи, претседател на Италијанската бискупска конференција, се враќа во Москва во нова мисија во рамките на хуманитарната иницијатива на Светиот Престол за изнаоѓање патишта за мир за „напатената“ Украина. Ова го соопшти директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни. Потврдувам – пишува во соопштението – дека денеска кардиналот Матео Зупи ја започна новата посета на Москва, како дел од мисијата што му ја довери папата Фрањо минатата година, да се сретне со властите и да ги оцени идните напори за поддршка на враќањето на украинските деца во нивните семејства и размена на затвореници со цел да се постигне многу посакуваниот мир.

Мисија од јуни 2023 година

Кардиналот Зупи веќе беше во Москва на 28 и 29 јуни 2023 година, во вториот дел од својата мисија, по посетата во Киев, каде се сретна и со претседателот Володимир Зеленски. После тоа, во текот на следните месеци оствари средби во Вашингтон и Пекинг.

Во текот на 48-те часа поминати на руско тло, кардиналот имаше средба со Кирил, патријарх московски и на цела Русија. Плодна средба – ова се зборовите што ги опиша Канцеларијата за печат на Светиот Престол во соопштението за медиумите, нагласувајќи дека кардиналот му ги пренел поздравите на Светиот Отец на патријархот Кирил. Претставникот на Папата разговараше со патријархот за хуманитарни иницијативи кои би можеле да го олеснат мирното решение.

Разговор со Комесарот за права на децата

Кардиналот потоа имаше две посебни институционални средби; прво со Јуриј Ушаков, помошник на претседателот Владимир Путин за надворешни работи, а потоа со Марија Лвова-Белова, комесар за правата на децата. Во овие разговори силно беше нагласен хуманитарниот аспект на иницијативата, како и потребата од постигнување на многу посакуваниот мир. Поточно, кардиналот Зупи разговараше со Лвова-Белова за таканаречените хуманитарни прашања поврзани со воените операции и заштитата на правата на децата – како што беше објавено на веб-страницата на комесарот тој ден, заедно со фотографија од посетата на кардиналот. Односно, се свртува вниманието на прашањето за повеќе од 19.000 украински малолетници кои беа насилно одведени во Русија. Ова е проблемот за кој претседателот Зеленски побара помош од Светиот Престол за време на аудиенцијата кај папата Фрањо во мај 2023 година. Ова барање го повтори и на аудиенцијата кај Папата во Ватикан во минатиот петок, за време на која украинскиот лидер се фокусираше на сите украински затвореници; не само на децата, туку и на новинарите.

Резултати од дипломатските напори

Благодарение на каналот што го отвори кардиналот Зупи, одреден број украински деца кои беа однесени во Русија, можеа да се вратат дома. Во изминатите месеци, потпретседателката на украинскиот парламент Олена Кондратиук – најавувајќи ја средбата во Рим со претседателот на италијанската бискупска конференција – му се заблагодари на кардиналот, нагласувајќи дека „хуманитарната дипломатија“ на Светиот Престол даде значајни резултати. Меѓу нив е и ослободувањето на двајца свештеници редемптористи, кои беа уапсени во ноември 2022 година, а кои Русија ги ослободи на 29 јуни при размена на затвореници со Украина. Тоа е резултат за кој самиот претседател Зеленски изрази благодарност до Светиот Престол за нејзините напори.

Почитување на човековите права

Накратко, патувањето на кардиналот придвижи механизам, „бавен“ – како што во различни прилики рече државниот секретар на Папата, кардиналот Пјетро Паролин – но кој оди напред. Во септември, кардиналот Паролин имаше видео конференција со Татјана Москалкова, комесар за човекови права на Руската Федерација. За време на разговорот – како што информираа од Канцеларијата за печат на Светиот Престол тој ден – кардиналот уште еднаш ја истакна потребата да се заштитат, во контекст на конфликтот, основните човекови права потврдени со меѓународните конвенции.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот