Зошто Источната црква ги чествува Сите светии веднаш по Педесетница?

Зошто Источната црква ги чествува Сите светии веднаш по Педесетница?

Во Западната црква празникот Сите светии најчесто се поврзува со 1 ноември. Тоа е датум добро познат во западната традиција, ден кога Црквата ги чествува сите оние кои го достигнале небесното блаженство, познати и непознати светци.

Но во Источната црква празникот Сите светии се слави во првата недела по Педесетница. Овој избор не е случаен, ниту пак се рабти за некоја разлика во календарот. Напротив, сето ова има голема духовна логика.

Педесетница е празникот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и врз Црквата. Тоа е денот кога Црквата, исполнета со силата одозгора, излегува пред светот и започнува да го навестува Евангелието. А веднаш потоа, во следната недела, Црквата ги става пред нас Сите светии како доказ за тоа што Светиот Дух прави во човекот кога тој се отвора за неговото делување.

Светците се плод на Божјата љубов. Нивниот живот покажува дека Светиот Дух навистина делува во Црквата, го преобразува човекот, го укрепува во верата, го прави способен за љубов, жртва, простување и сведоштво.

Токму затоа празнувањето на Сите светии веднаш по Педесетница има голема порака: светоста е плод на животот во Светиот Дух. Она што започнува на Педесетница, се гледа во животот на светците. Тие се одговор на човекот на Божјиот повик, дозволиле да ги води Светиот Дух, не биле глуви за неговиот глас.

Во западната традиција 1 ноември како празник на Сите светии се поврзува со историскиот развој на празнувањето во Рим. Според традицијата, папата Григориј III во VIII век посветил капела во базиликата „Свети Петар“ во чест на различни светци, а подоцна празникот бил проширен за целата Црква. Така 1 ноември станал општ ден за чествување на сите светии.

Истокот, пак, ја нагласува врската меѓу светоста и Светиот Дух. Оваа традиција на чествување на сите светии нè потсетува дека светоста не е далечна и недостижна. Таа не е резервирана само за монаси, маченици или големи подвижници. Светоста е повик за секој крстен човек, а започнува кога човекот го слуша Светиот Дух во својата совест, во молитвата, во Црквата, во секојдневните одлуки и во малите дела на љубовта.

Затоа празникот Сите светии по Педесетница е и повик до нас. Ако светците станале свети затоа што Му дозволиле на Светиот Дух да ги води, тогаш и нашиот пат до светоста започнува со истото: со послушност кон Божјиот глас, со отворено срце и со подготвеност да бидеме преобразени.

Педесетница ни покажува дека Светиот Дух е даруван на Црквата. Неделата на Сите светии ни покажува што се случува кога човекот го прима тој дар и живее според него.

Затоа источната традиција многу убаво ги поврзува овие два празника. Светиот Дух слегува врз Црквата, а светците ни покажуваат дека Неговото делување не е минато, туку живо, вистинско и плодно во секоја генерација. Светоста е најубавиот доказ дека Педесетница продолжува во животот на Црквата.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот