Епископот Стојанов го ракоположи Спасе Спасов за ѓакон

Епископот Стојанов го ракоположи Спасе Спасов за ѓакон

На празникот Вознесение Господово, во четврток, 21 мај 2026 година, во катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, го ракоположи за ѓакон досегашниот подѓакон Спасе Спасов. Во чинот на ракополагање беше претставен од неговиот поранешен парох, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов.

На Светата Литургија со епископот Стојанов сослужуваа свештеници од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија. На свеченото богослужение присуствуваа сестрите Евхаристинки, сестрите Усмиленки, членови на семејството на новоракоположениот ѓакон, роднини и пријатели, како и бројни верници од повеќе парохии.

Во својата проповед, епископот Стојанов го поврза празникот Вознесение Господово со посланието на Црквата. Тој нагласи дека учениците, по Вознесението, се повикани да излезат во светот и да сведочат за Воскреснатиот Христос со силата на Светиот Дух. Истакна дека Христос, иако се вознел на небото, останува присутен со својата Црква низ целата историја.

Обраќајќи му се на Спасе Спасов, епископот рече дека неговиот одговор на Божјиот повик е знак на надеж за Црквата и пример на евангелска храброст. Посебно истакна дека ѓаконската служба е служба на љубовта, милосрдието и ревноста, според примерот на Исус Христос, Кој на сите им беше слуга.

Епископот Стојанов го повика новиот ѓакон да остане верен на молитвата, да го чува живиот дијалог со Бога и да служи со понизно и будно срце. Во проповедта нагласи дека црковниот авторитет секогаш треба да биде поврзан со верно сведоштво, понизност и служење на Божјиот народ.

Со ракополагањето, Спасе Спасов беше воведен во ѓаконскиот чин и повикан да служи во литургискиот живот на Црквата, во навестувањето на Божјото слово и во делата на љубовта.

На крајот од проповедта, епископот Стојанов изрази благодарност кон Бога, како и кон родителите, семејството, свештениците, чесните сестри и верниот народ кои го придружувале и поддржувале новоракоположениот ѓакон на неговиот духовен пат.

По Светата Литургија следуваше братско заедништво и честитки до новоракоположениот ѓакон.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот