Епископот Стојанов во Нова Маала: Рождеството Христово го предизвика Ирод и ги повика мудреците
На првиот ден од празникот Рождество Христово – Божиќ, 7 јануари 2022 година, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во парохиската црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Нова Маала, во сослужение на парохот о. Спасо Ристов.
Во својата проповед епископот Стојанов истакна дека е опасност да се замисли настанот во Витлеем само како скромна семејна идила, значајна само за обичните луѓе како Марија и Јосиф, пастирите со едноставни и скромни луѓе, истакнувајќи дека христијанството не е само настан во скромноста на едно семејство, пастири и малиот Витлеем. Според зборовите на владиката Стојанов, настанот на воплотувањето на Синот Божји е настан кој остава свој белег во Ерусалим, во целиот свет и во вселената и има одек не само кај обичниот народ, туку настанот на Рождеството Христово го „предизвикува“ и Ирод, повикува мудреци, ја „буди“ ѕвездата, инспирира соништа. Земајќи го примерот на мудреците, кои го препознаа Исус за Цар е доказ дека верата во Исус Христос не им е потребна само на пастирите, туку и на мудреците, не само на децата и постарите, но и на врвните мудреци и на луѓето со извонредна интелигенција.
Во продолжение на проповедта епископот Стојанов запраша како денес христијанинот ги користи своите интелектуални и духовни способности, дали сè става во служба на знаењето на оној што му го дал или, како Ирод и неговите мудреци ја користиме ли интелигенцијата, разумот за да се бориме против Исус?
Правејќи споредба помеѓу Ирод и мудреците монс. Стојанов рече: „Додека мудреците се трудат да навлезат подлабоко во мудроста, Ирод ја мотивира својата жестока желба за моќ со наводно духовно знаење и национална придобивка и мотиви. Додека мудреците од Истокот го користат знаењето за да стигнат до Оној до кого ги води ѕвездата, Ирод паѓа во темнина и се бори против својот Творец.“ При тоа истакна дека мудреците, со сето свое знаење, на колена пристапија кон оваа големо Божјо таинство, кон оваа неизмерна Божја тајна, инаку сета нивна мудрост ќе беше залудна.
Давајќи го примерот на мудреците за оние кои го бараат Бог епископот Стојанов рече дека повеќе вреди чинот на љубов искажан кон Господ, отколку сето знаење на овој свет, кое не треба да биде занемарливо, но кое е ништовно ако не нѐ води кон обожување и предание на Оној што ни го дал.
„Нека нè засветли примерот на царските мудреци за да можеме понизно да стигнеме до јаслите Христови, а потоа, допрени од неговата љубов, одејќи по друг пат да бидеме допрени во земјата на вечниот живот“ – рече епископот Стојанов.
Своето обраќање до верниците од Нова Маала, присутните на светата Литургија, но и оние кои поради благословени причини се отсутни, го заврши честитајќи им го празникот Рождество Христово и благословена Нова година.
На крајот од свечената Литургија парохот о. Спасо Ристов се заблагодари на владиката Стојанов за заедништвото во светата Литургија.