На Генералната аудиенција во среда 25 ноември 2020 година папата Фрањо зборуваше за првата христијанска заедница опишана во Делата на Светите Апостоли, која живее и „опстојува во молитвата“. Нема црковност ако нема проповедање, братско заедништво, милосрдие и Евхаристијата. Бог ја прави Црквата, а не сензациите. Катехезата на Светиот Отец ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Првите чекори на Црквата во светот се случуваат во ритамот на молитвата. Апостолските списи и големата нарација на Делата на Светите Апостоли апостолите ни ја прикажуваат Црквата на патот, активната Црква, која на молитвените состаноци наоѓа основа и поттик за апостолско дејствување. Сликата за првата заедница во Ерусалим е појдовна точка за сите други христијански искуства. Во книгата Дела на Светите Апостоли, апостол Лука пишува: „И беа постојани во учењето апостолско, во општувањето, во кршењето леб и во молитвите“ (2, 42). Заедница е постојана во молитвата.
Тука наоѓаме четири важни карактеристики на црковниот живот: првата е слушање на учењето на апостолите, втората е чувањето на меѓусебното заедништво, третата е кршењето леб и четвртата е молитвата. Тие потсетуваат дека самиот живот на Црквата има смисла ако таа остане цврсто обединета со Христос, односно во заедницата, во неговото Слово, во Евхаристијата и во молитвата. Тоа е начинот на кој ние се соединуваме со Христос. Проповедањето и катехезата сведочат за зборовите и делата на Учителот; постојаната потрага по братска заедница нè спречува од себичност и поделби; кршењето леб го исполнува таинството на Исусовото присуството во нашата средина: во Евахристијата тој е присутен. Тој живее и оди со нас. И, конечно, молитвата, која е простор за дијалог со Отецот, преку Христа во Светиот Дух.
Сѐ она што во Црквата расте надвор од овие “координати’ е без темел. За да просудиме за некоја ситуација мораме да се прашаме како стоиме во таа ситуација со тие четири координати: проповедање, постојано барање на братско заедништво – љубов, кршење на лебот – односно евхаристискиот живот – и молитвата. Секоја ситуација треба да се разгледа во светло на тие четири координати. Она што не влегува во тие координати е лишено од црковноста, не е црковно. Бог е тој кој ја прави Црквата, а не бучни дела. Црквата не е пазар; Црквата не е група на претприемачи кои се впуштаат во нов потфат. Црквата е дело на Светиот Дух, кој ни го испрати Исус за да нѐ собере. Црквата е токму дело на Духот во христијанската заедница, во заедничкиот живот, во Евхаристијата, во молитвата, секогаш. И сѐ она што излегува надвор од овие координати е лишено од темелот, тоа е како некоја куќа изградена на песок (сп. Матеј 7,247-27). Бог е тој кој ја прави Црквата, а не бучни дела. Исусовото Слово ги исполнува со смисла нашите напори. Иднината на светот се изградува со понизност.
Понекогаш ме опфаќа тага кога ќе видам некоја заедница која, со добра волја, оди на погрешен пат затоа што мисли дека Црквата ја прават собири, како да е политичка партија: мнозинство, малцинство, што мисли овој, што мисли оној… „Тоа е како синода, синодален пат по кој треба да одиме.“ И се прашувам: каде е Светиот Дух? Каде е молитвата? Каде е заедничката љубов? Каде е Евхаристијата? Без овие четири координати, Црквата станува човечко општество, политичка партија – мнозинство, малцинство – се прават промени како да е претпријатие, за мнозинство или малцинство…
Но, нема Свет Дух. И присуството на Светиот Дух е загарантирано токму со овие четири координати. За да процениме дали ситуацијата е црковна или не, мора да се запрашаме дали овие четири координати постојат: заеднички живот, молитва, Евхаристијата… [проповедање], како се одвива животот во овие четири координати. Ако нема такво нешто, нема Дух, и ако нема Дух, ние ќе бидеме прекрасно хуманитарно здружение, добротворно здружение и ајде така да го наречеме, црковна партија, но нема Црква.
И затоа Црквата не може да расте заради овие работи: таа не расте со прозелитизам, како секое претпријатие, таа расте со привлечност. А, од каде доаѓа таа привлечност? Од Светиот Дух. Да не ги заборавиме никогаш овие зборови на Бенедикт XVI: „Црквата не расте со прозелитизам, туку со привлечност“. Онаму каде што нема Свет Дух, оној што привлекува кон Исус, таму нема Црква. Има, навистина, убав клуб на пријатели со добри намери, но нема Црква, нема синодалност.
Читајќи ги Делата на Светите Апостоли, откриваме дека моќен двигател на евангелизацијата биле молитвените состаноци, каде оние што учествуваат во нив, директно го доживуваат Исусовото присуството и допирот на Духот. Членовите на првата заедница – но ова секогаш важи, дури и за нас денес – сфаќаат дека историјата на средбата со Исус не завршила во моментот на Вознесението, туку продолжува во нивните животи. Додека проповедаат што Господ рекол и направил – слушање на Словото – додека се молат да влезат во заедништво со Него, сè станува живо. Молитвата внесува светлина и топлина: со дарот на Духот се раѓа ревност во нив.
Во врска со ова, постои многу силен израз во Катехизмот, кој гласи вака: „Светиот Дух […] Црквата во молитвата ја потсетува на Христа, ја води кон целосната Вистина и создава нови обрасци што ќе ја изразат несфатливата тајна на Христос на дело во животот, преку Светите Тајни преку мисијата на неговата Црква “(бр. 2625). Тоа е дело на Духот во Црквата: да нè потсетува на Исус. Самиот Исус го рече ова: Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал.
Ова е посланието: да нè потсети на Исус, но не како вежба за паметење. Христијаните, додека чекорат по патиштата на посланието, се потсетуваат на Исус додека го прават повторно присутен; и од него, од неговиот Дух, тие добиваат поттик да одат, да навестуваат, да служат. Во молитва, христијанинот навлегува во таинството на Бог, кој го сака секој човек, оној Бог кој сака евангелието да им се навести на сите. Бог е Бог за сите и во Исус секој ѕид на поделба еднаш засекогаш го уништи: како што вели Свети Павле, Тој е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден (Ефесјаните 2,14). Исус е творец на единството.
Така, животот на првата Црква се одвива во ритам на постојани прослави, собири, молитви, без оглед дали се заеднички или лични, кои се следат едни по други. И тоа е Духот кој им дава сила на проповедниците кои тргнуваат на пат и кои од љубов кон Исус, пловат по мориња, се изложуваат на опасности и понижувања.
Бог дарува љубов, Бог бара љубов. Тоа е мистичниот корен на целокупниот вернички живот. Првите христијани во молитва, но и ние кои доаѓаме неколку векови подоцна, сите го живееме истото искуство. Духот сè оживува. А секој христијанин кој не се плаши да посвети време на молитва, може да повтори со апостол Павле: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене“(Галатјаните 2,20). Молитвата го довикува токму тоа во совеста. Само во тишината на обожавањето се доживува целата вистина на овие зборови. Мораме одново да го вратиме чувството за поклонување. Да се поклонуваме, да се поклонуваме на Бога, да се поклонуваме на Исус, да се поклонуваме на Духот. Отецот, Синот и Духот: да им се поклонуваме. Во тишина. Молитвата обожавање е молитва што ни овозможува да го запознаеме Бога како почеток и свршеток на целата историја. А таа молитва е жив оган на Духот што дава сила за сведочење и послание. Ви благодарам.
Ватикан њуз/к.мк