Генерална аудиенција: Улогите и моќта не носат среќа; Христос е единствениот одговор на желбите на срцето

Генерална аудиенција: Улогите и моќта не носат среќа; Христос е единствениот одговор на желбите на срцето

Повеќе од 60.000 верници се собраа на 15 октомври на плоштадот „Свети Петар“ и на околните улици за да учествуваат во Генералната аудиенција со папата Лав XIV. Во својата катехеза, Папата зборуваше за Исус, мртов и воскреснат, како за Оној што станува наш сопатник на тешкото, болно и мистериозно патување на животот. Со Него се чувствуваме носени, и покрај сè, рече Папата, зајакнати во искушенијата и напорите кои, како тешки камења, се закануваат да го запрат или свртат текот на нашата историја.

Во денешната катехеза пред голем број верници собрани на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV потсети дека катехезите од Јубилејната година досега го следеле животот на Исус преку Евангелијата — од Неговото раѓање до Неговата смрт и воскресение.

„Правејќи го тоа, нашето поклонение на надежта го пронајде својот цврст темел и сигурен пат. Сега, во последниот дел од патувањето, ќе дозволиме тајната Христова, која кулминира во Воскресението, да ја осветли со својата светлина на спасение сегашната човечка и историска реалност, со сите нејзини прашања и предизвици“, рече Папата.

Тој додаде дека човечкиот живот е обележан со безброј настани, исполнети со нијанси и различни искуства.

„Понекогаш се чувствуваме среќни, другпат тажни, понекогаш исполнети, а понекогаш под стрес, задоволни или безволни. Живееме брзи животи, фокусирани на постигнување резултати; успеваме да достигнеме високи, престижни цели. Од друга страна, понекогаш остануваме во неизвесност, нетрпеливи, чекајќи успеси и признанија што се одложуваат или воопшто не доаѓаат. Накратко, се наоѓаме во парадоксална ситуација: би сакале да бидеме среќни, а сепак е многу тешко да се биде таков континуирано и без сенки.“

Секогаш нешто ни недостасува

„Се соочуваме со сопствените ограничувања, а во исто време чувствуваме неодолив нагон да се обидеме да ги надминеме. Длабоко во себе чувствуваме дека секогаш нешто ни недостасува “, нагласи Папата и продолжи:

„Всушност, не сме создадени за недостаток, туку за полнота — да уживаме во животот, и тоа во живот во изобилство, според зборовите на Исус во Евангелието по Иван. Овој длабок копнеж на нашето срце може да го најде својот краен одговор не во улогите, моќта или имотот, туку во сигурноста дека постои Некој што го гарантира овој фундаментален копнеж на нашата човечност — во свеста дека овој копнеж нема да биде разочаран или поништен. Оваа сигурност се совпаѓа со надежта. Тоа не значи оптимистичко размислување: оптимизмот често нè разочарува, бидејќи нашите очекувања се распаѓаат, додека надежта ветува и исполнува.“

Вечен извор на живот

„Сестри и браќа, воскреснатиот Исус е гарант на оваа цел! Тој е изворот што ја гаси нашата жед. Воскресението Христово, всушност, не е едноставен настан во човечката историја, туку настан што ја преобразува одвнатре!“, беше многу јасен Светиот Отец.

Споменувајќи го изворот на вода што ја гаси жедта и ги освежува созданијата, ја натопува земјата и растенијата, го прави плодно и живо она што инаку би останало суво, Папата додаде дека „изворот се појавува како бесплатен дар за природата, созданијата и луѓето, а без вода не може да се живее!“

„Воскреснатиот е жив извор кој никогаш не пресушува ниту се менува. Тој секогаш останува чист и подготвен за секој што е жеден. Со своето воскресение, Исус ни гарантира постојан извор на живот: Тој е Оној што го сака животот, победник над секоја смрт. Затоа може да ни обезбеди освежување на нашето земно патување и да гарантира совршен мир во вечноста. Само Исус, кој умре и воскресна, одговара на најдлабоките прашања на нашите срца: дали навистина постои цел за нас? Дали нашиот живот има смисла? А страдањето на толку многу невини луѓе — како ќе биде искупено?“

Целта на нашето патување

„Воскреснатиот Исус не дава одговор ‘одозгора’, туку станува наш сопатник на ова често тешко, болно и мистериозно патување. Само Тој може, кога жедта ќе стане неподнослива, да го наполни нашето празно шише“, предупреди Папата и продолжи:

„Тој е и целта на нашето патување. Без Неговата љубов, патувањето на животот би станало бесцелно талкање и трагична грешка со промашена дестинација. Ние сме кревки созданија. Грешката е дел од нашата човечност — тоа е раната на гревот што нè води кон пад, откажување и очај. Да воскреснеме, напротив, значи да станеме и да застанеме на свои нозе. Воскреснатиот гарантира пристигнување на целта, нè води дома каде што сме добредојдени, сакани и спасени. Да одиме со Него значи да доживееме да бидеме носени, и покрај сè, зајакнати во искушенијата и напорите што, како тешки камења, се закануваат да го запрат или свртат текот на нашата историја.“

„Возљубени, од Христовото воскресение извира надежта што ни овозможува, и покрај тешкотиите во животот, да доживееме длабок и радосен мир — тој мир што само Тој може да ни го даде на крајот, без крај“, ја заврши Светиот Отец катехезата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот