На Генералната аудиенција, папата Лав XIV размислуваше за Исусовото слегување во подземјето на Велика Сабота, со цел да донесе светлина во темнината на човечкото постоење.
Слегувањето на Исус во „подземјето“ на Велика Сабота – по Неговото распнување и пред Воскресението – „претставува најдлабокиот и најрадикален гест на Божјата љубов кон нас“, рече папата Лав XIV во својата катехеза на Генералната аудиенција во среда 24 септември 2025 година.
„Смртта никогаш не е последниот збор“, нагласи тој. Исус не само што умрел за нас, туку нè побарал и тогаш кога бевме изгубени, слегувајќи таму „каде што може да стигне единствено силата на светлината што ја пробива темнината“.
Подземјето како состојба
Светиот Отец појасни дека во овој контекст, подземјето „не е толку место, колку состојба, каде што животот е исцрпен, а владеат болка, осаменост, вина и одвоеност од Бога и од луѓето“.
Слегувајќи во пеколот, Христос влегол „во самата куќа на смртта за да ја испразни и ослободи од нејзините жители, фаќајќи ги за рака еден по еден“. „Во овој чин,“ додаде Папата, „се содржи целата сила и нежност на пасхалната порака: смртта никогаш не е последниот збор“.
Сведоштво за љубовта на Отецот
Папата Лав нагласи дека Христовото слегување не е настан само од минатото, туку има значење и денес. Исус, кој влегол во состојбата на мртвите, исто така може да влезе и во „секојдневниот пекол на осаменоста, срамот, напуштеноста и борбата на животот – за да посведочи за љубовта на Отецот“.
Средбата на Исус со Адам во подземјето, продолжи Папата, „е симбол на сите можни средби меѓу Бога и човекот“. Бог го изведува човекот од темнината „поикувајќи го по име“ и водејќи го назад кон светлината „со полн авторитет, но и со бескрајна нежност – како татко кој го прегрнува своето дете што се плаши дека повеќе не е сакано“.
Милоста допира сè
Велика Сабота, истакна тој, „е ден кога небото најдлабоко ја посетува земјата“. Христовото слегување во подземјето нè уверува дека „ништо не е исклучено од Неговото искупување – ниту нашите ноќи, ниту нашите најдлабоки гревови, ниту нашите раскинати врски. Нема минато толку уништено, нема историја толку компромитирана што не може да биде допрена од милоста“.
Тивка прегратка на спасението
Папата Лав XIV заклучи: „Велика Сабота е тивката прегратка со која Христос му го претставува целото создание на Отецот, за да го врати во Неговиот спасителен план“.
Ватикан њуз/к.мк