Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор Киро Стојанов, во негово лично име и во име на свештенството, монаштвото и верниците од Скопска бискупија и Струмичко-скопската епархија во петок 13 септември 2024 година упати срдечни и братски честитки до монсињор Младен Вукшиќ по повод именувањето за Которски бискуп, кое беше објавено на 12 септември.
Епископот Стојанов во честитката до новоименуваниот Которски бискуп монсињор Младен Вукшиќ моли од Господ за дар на Светиот Дух, како и за застапништвото од светците заштитиници на Скопска бискупија и Которска бискупија, Света Мајка Тереза, Свети Трифун и свети Леополд Мандиќ за неговата епископска служба.
Монсињор Младен Вукшиќ е роден на 28 декември 1965 година во Љубушки, Босна и Херцеговина, од родители Мирко и Јагода родена Лауц. Детството го поминува во Оток, а припаѓа на парохијата Витина каде што е крстен на 16 јануари 1966 година. Основно училиште посетува во Витина од 1972 до 1980 година. Средно стручно машинско училиште завршува во Љубушки во 1984 година.
Фрањевскиот хабит го облекува во Хумац на 14 јули 1984 година, со што влегува во новицијат на Херцеговската фрањевска провинција. Своите први монашки завети ги дава на 15 јули 1985 година. Потоа служи воен рок, прво во Скопје, а потоа во Куманово.
Филозофија и теологија студира на Фрањевската теолошка школа во Макарска (1986-1989) и во Болоња (1989-1992), каде што дипломира.
Свечените завети во редот на малите браќа – Фрањевци ги дава на 16 септември 1990 година во Кочерин. Бискупот Паво Жањиќ го ракоположува за ѓакон на 29 јуни 1991 година во Мостар, а за свештеник на 26 јули 1992 година во Читлук.
По неговото свештеничко ракополагање, е именуван за парохиски викар во Хумац и помошник воспитувач за новицијатите до септември 1994 година, кога заминува во Рим да студира Пасторал за млади и катехетика. За време на неговиот престој во Хумакц во 1992 година, го основал првото братство на фрањевската младина (Фрама) на територијата на хрватските покраини. На Папскиот универзитет Салезијанум магистрира во 1997 година на тема „Предавачот по религија како воспитувач“.
По завршувањето на студиите, управата на Провинцијата го именува за воспитувач на богословите, односно браќата со привремени завети, во манастирот на Херцеговската фрањевска провинција во Дубрава кај Загреб, каде што останува до 2000 година. Потоа ги извршува следните служби: гвардијан и парох во Слано до 2003 година, парох во Посушки Грац до 2010 година, парох во Кочерин до 2013 година и парох во Посушје. Покрај тоа, четири пати е избиран за член на администрацијата на Херцеговската фрањевска провинција, бил духовен асистент на фрањевскиот световен ред и на фрањевската младина.
к.мк