Епископот Стојанов го освети камен-темелникот на црквата „Свети Апостол Павле“

Епископот Стојанов го освети камен-темелникот на црквата „Свети Апостол Павле“

На денот кога општина Богданци го празнува ослободувањето, четврток 10 октомври 2024 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов, во заедништво со ректорот на светилиштето во Паљурци протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов, парохот во Богданци протојереј ставрофор отец Тома Ангелов, го освети и постави камен-темелникот на црквата „Свети Апостол Павле“ во Паљурци. На свеченоста присуствуваа свештеници од Струмичко-скопската епархија и Скопска бискупија, сестри Евхаристинки, градоначалникот на општина Богданци г. Блаже Шапов, престедателот на советот на општина Богданци г. Борис Ванчев со членови на општинската администрација, архитектот Антон Кајтази, Наце Иванов, како изведувач и претставник на ДГП „Алфа проект“,  како и верници од Богданци, Стојаково, Гевгелија и други места.

Пред почетокот на осветувањето ректорот на светилиштето во Паљурци отец Зоран И. Стојанов најпрво ги поздрави присутните истакнувајќи дека Бог сакаше на ова место свети Павле да доаѓа и да собира сили, а ние денес започнуваме да градиме храм, кој што ќе биде сила за сите оние кои што ќе го молат Господ Бог со посредништво на свети апостол Павле на оваа, за нас, свето место Паљурци.  По обраќањето епископот Стојанов го започна обредот на осветување.

На присутните им се обрати градоначалникот на Богданци г. Шапов, кој истакна дека на празнувањето 80 години слободно Богданци општината се збогатува со еден свет и светол настан за верниците и почитувачите на ликот на свети апостол Павле, со осветувањето на камен-темелникот за изградба на храмот свети апостол Павле.

На крајот епископот Стојанов се заблагодари на Господ Бог што го овозможи овој ден, во Паљурци да започне изградбата на црквата Свети апостол Павле, со што, покрај црквата „Мајка Божја Утешителка“, на Чуката, по повеќе од еден век започнува да се обновува ова свето место за македонскиот народ.

Во црквата „Свети Апостол Павле“ – Паљурци ќе биде вградена плочата која папата Фрањо ја благослови при неговата апостолска посета на Македонија во 2019 година.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот