Бискупот Стојанов го прими претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ

Бискупот Стојанов го прими претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ

Во петок, 7 март 2025 година, во бискупската резиденција на Водно, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов го прими претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, придружуван од членови на неговиот кабинет и амбасадорката на Хрватска во Македонија, Нивес Тигањ. На средбата бискупот Стојанов го придружуваа о. Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, о. Марјан Ристов – бискупски канцелар, о. Гоце Костов, директор на Радио Марија и Томислав Микулец.

Во пријатна и срдечна атмосфера бискупот Стојанов го запозна претседателот на хрватскиот Сабор со животот на Католичката црква во Македонија, ангажирањето на хуманитарното поле, мирот и соживотот. Епископот Стојанов ги нагласи исклучително добрите односи и соработка со Црквата во Хрватска. Исто така ја истакна и добрата соработката на Католичката црква во Македонија со хрватските власти, Амбасадата на Хрватска во Македонија, Централната државна канцеларија за Хрватите надвор од Република Хрватска, како и со повеќе здруженија на Хрвати во Македонија.

Претседателот на хрватскиот Сабор Јандроковиќ се заблагодари на епископот Стојанов за континуираната грижа за хрватската заедница во Македонија, истакнувајќи ја својата поддршка.

Средбата заврши со размена на подароци, при што епископот Стојанов на претседателот на хрватскиот Сабор Јандроковиќ му подари икона на Пресвета Богородица Утешителка – Паљурска, монографијата „25 години епископство на монсињор д-р Киро Стојанов“ зборниците трудови „Католичката црква во Македонија низ историјата“ и „100 години македонски деканат Свети Кирил и Методиј“. На останатите членови на делегацијата епископот Стојанов им подари крстови изработени во филигранска техника со срма.

Претседателот на хрватскиот Сабор Јандроковиќ на епископот Стојанов му подари медалјон со релјеф на хрватскиот Сабор.

Во рамки на посетата на земјава, покрај официјалните средби со државните власти, ја посети катедралата „Пресвето Срце Исусово“-Скопје, каде се сретна со патер Винко Маслаќ и патер Томислав Рукавина, а воедно ја посети и Спомен куќата Мајка Тереза. За време на престојот во Македонија претседателот на хрватскиот Сабор се сретна и со членови на Хрватската заедница во Македонија.

к.мк

Категорија: Македонија

За авторот