Бискупот Аје до француските пратеници. Ако гласате за евтаназија, не треба да пристапувате на Причест

Бискупот Аје до француските пратеници. Ако гласате за евтаназија, не треба да пристапувате на Причест

„Католичките пратеници што ќе гласаат за овој закон мора да ги разгледаат последиците. Ако се свесни за оваа неспоивост, повеќе нема да можат да примаат Причест“, објаснува бискупот Марк Аје.

Во пресрет на гласањето за предлог-законот за евтаназија во француското Национално собрание, закажано за 15 јули, бискупот на Бајон, Лескар и Олорон, монсињор Марк Аје, упати сериозно предупредување до католичките пратеници што ја поддржуваат оваа иницијатива.

Во разговор за „France Catholique“, бискупот истакна дека гласањето за закон што дозволува намерно одземање човечки живот претставува тешка спротивност на католичката вера и носи духовни последици.

„Католичките пратеници што гласаат за овој закон мора да ги разгледаат последиците. Ако се свесни за оваа неспоивост, повеќе нема да можат да примаат Причест“, рече бискупот, повикувајќи ги пратениците пред гласањето да направат искрен испит на совеста.

Голема спротивност на верата

Монсињор Аје нагласи дека противењето на евтаназијата не произлегува само од верско уверување, туку и од природниот закон, кој е темел на почитувањето на секој човечки живот.

Според него, пратеник што се изјаснува како католик, а истовремено поддржува законодавство што дозволува усмртување пациент, објективно се наоѓа во спротивност со непроменливото учење на Црквата.

Бискупот потсети и на документот Samaritanus Bonus, објавен од тогашната Конгрегација за наука на верата, во кој повторно се потврдува дека евтаназијата претставува чин што сам по себе е зло, без оглед на околностите.

Вистинското милосрдие значи грижа, а не елиминација

Обраќајќи им се на оние што ја претставуваат евтаназијата како чин на хуманост, Аје ја нагласи разликата меѓу вистинското милосрдие и она што свети Иван Павле II го нарече „лажно милосрдие“.

Според него, вистински братско општество на страдањето одговара преку развој на палијативна грижа и преку психолошка, семејна и духовна поддршка, а не преку нудење смрт како решение.

Тој ја критикуваше и јавната расправа, за која рече дека е обликувана од интензивно медиумско влијание под притисок на моќни лоби-групи, што придонесува за замаглување на совеста.

Духовна поддршка и христијански погреб

Запрашан за лицата што бараат евтаназија, бискупот истакна дека самоубиството објективно е спротивно на Божјата волја, но додаде дека секоја конкретна ситуација бара посебно пастoрално расудување.

Тој објасни дека свештеникот треба да ѝ помогне на личноста повторно да ја пронајде надежта, да се помири со Бога и да се откаже од намерата да го прекине својот живот.

Во однос на христијанските погреби, бискупот нагласи дека секој случај треба внимателно и разумно да се разгледа, земајќи ги предвид и можните знаци на покајание пред смртта. Сепак, додаде тој, не смее да се создаде впечаток дека Црквата ја одобрува евтаназијата.

Одбрана на правото на приговор на совеста

Бискупот Аје изрази загриженост и за положбата на здравствените работници, кои би можеле да бидат принудени да учествуваат во постапки на евтаназија, иако својата професија ја избрале за да лекуваат, да ја ублажуваат болката и да ги придружуваат болните.

Затоа тој повика клаузулата за приговор на совеста да биде гарантирана без ограничувања. Истовремено, го бранеше правото на католичките болници и здравствени установи да го отфрлат предложениот закон.

„Вистински демократско општество не може да бара од установи основани врз безусловно почитување на животот да дејствуваат против своите најдлабоки уверувања“, нагласи бискупот.

Надеж во посетата на папата Лав XIV

Во завршниот дел од интервјуто, Аје зборуваше и за претстојната посета на папата Лав XIV на Франција, која ќе се одржи под мотото „Да има светот живот“.

Иако признава дека законот би можел да биде усвоен пред доаѓањето на Папата, бискупот истакнува дека тоа не ги ослободува христијаните од должноста да продолжат да сведочат.

Тој изрази надеж дека Папата цврсто ќе го потврди неотуѓивото достоинство на секој човечки живот, ќе ги охрабри семејствата, медицинскиот персонал и волонтерите што се грижат за болните и старите лица, и пред сè, ќе ја обнови надежта на верниците.

„Општеството слабее кога смртта ја претставува како решение. Христос дојде за луѓето да имаат живот и да го имаат во изобилство“, заклучи бискупот на Бајон, Лескар и Олорон.

Категорија: Вести, Свет

За авторот