Папата Лав XIV им се заблагодари на лекарите, медицинските сестри и персоналот во болницата „Џемели“ за грижата за време на неговата неодамнешна хоспитализација и изрази благодарност „до сите оние кои се молеа за мене во изминатите неколку дена“.
На крајот од пладневната молитва „Ангел Господов“ во недела 18 октомври 2026 година, папата Лав XIV им се заблагодари на сите што се молеа за него во изминатите денови, велејќи: „Навистина ја почувствував вашата поддршка. Ви благодарам!“
Тој изрази и „посебна благодарност до лекарите, медицинските сестри и целиот персонал на поликлиниката „Џемели““, каде што во вторникот беше подложен на операција за отстранување на канцерозен јазол од белите дробови.
„Ова искуство ми овозможи на посебен начин да почувствувам близина со сите оние кои минуваат низ болест или состојба на немоќ“, рече Папата во неделата.
Светиот Отец беше отпуштен од болницата во саботата попладне, откако утринските крвни анализи и рендгенската снимка на градниот кош потврдија дека неговата здравствена состојба му овозможува да ја напушти болницата. Пред заминувањето, папата Лав лично му се заблагодари на лекарот кој ја изврши операцијата, како и на медицинскиот персонал, здравствените работници, ректорот на Католичкиот универзитет „Свето Срце“ и раководството на болницата.
Папата „постепено“ ќе ги продолжи своите активности
На крајот од обраќањето по молитвата „Ангел Господов“, папата Лав рече: „Сега, кога оваа деликатна фаза помина, како што знаете, постепено ќе ги продолжам моите активности, секогаш со Божја помош и со вашите молитви.“
Пред операцијата на Папата, Префектурата на Папскиот дом, која ги координира јавните активности на Светиот Отец, соопшти дека сите папски аудиенции се откажани до вторник, 20 октомври.
Ватикан њуз/к.мк

