Ангел Господов: Бог никогаш нема да нè отфрли

Ангел Господов: Бог никогаш нема да нè отфрли

Размислувајќи за Исусовите зборови по Блаженствата, папата Лав XIV истакнува дека средбата со Исус внесува вистинска радост, вкус и светлина во секојдневието, и дека, дури и кога се чувствуваме обесхрабрени, Бог Отецот „се грижи за нашите имиња и за нашата единственост“.

Во своето обраќање по молитвата „Ангел Господов“, во недела 8 февруари 2026 година, пред собраните на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV размислуваше за Исусовите зборови откако ги објави Блаженствата. Во Евангелието, Тој не ги наведува само осумте Блаженства, туку потоа „им се обраќа на оние што ги живеат, велејќи дека благодарение на нив земјата повеќе не е иста и светот повеќе не е во темнина“.

Папата објасни дека вистинската радост им дава вкус и светлина на темните делови од животот. „Оваа радост извира од начин на живеење, од начин на населување на земјата и на заедничко живеење, што треба да се посака и да се избере“, забележа тој. Овој нов начин на живеење блеска во Исус и во Неговите зборови и дела.

Кога човек ќе Го сретне Исус, Кој е сиромашен по дух, кроток, чист по срце и жеден за правда, не може да се врати на живот кој е безвкусен и безживотен. Во таа средба се отвораат „милосрдието и мирот како сили на преобразба и помирување“.

Светлина во темнината

Во Книгата на пророкот Исаија, папата Лав наброја конкретни начини за надминување на неправдата: „да се дели леб со гладните, сиромашните и бездомните да се примат во своите домови, да се облечат оние што ги гледаме голи, без да ги занемариме ближните и оние во сопствените домови“.

Кога се извршуваат овие дела, пророкот вели: „тогаш ќе засвети твојата светлина како зора, и твоето исцеление брзо ќе никне“ (58,8). Светиот Отец ја истакна двојната длабочина на оваа реченица. Од една страна, има светлина што не може да се сокрие и која, како сонцето, ја растерува темнината; од друга страна, рана што некогаш печела сега се исцелува.

Тој ги знае нашите имиња

„Боли кога ќе се изгуби вкусот и кога ќе се откаже радоста“, забележа папата Лав, „а можно е да се носи таква рана во срцето.“ Во евангелскиот пасус, Исус како да упатува предупредување до слушателите да не се предадат. Тој вели дека солта што го изгубила вкусот „веќе не е добра за ништо, освен да се фрли и да се згази“.

Колку луѓе, рече Светиот Отец, „можеби и ние самите“, се чувствуваат како да се безвредни или скршени. Како нивната светлина да е сокриена.

Сепак, Исус носи порака на надеж: Бог никогаш нема да нè отфрли. Тој ги знае нашите имиња и се грижи за нашата единственост. „Секоја рана, дури и најдлабоката, ќе биде исцелена ако го примиме словото на Блаженствата и ако повторно се вратиме на патот на Евангелието“, нагласи Папата.

Повторно разгорување на радоста

Конкретни дела на отвореност и внимание кон другите ќе помогнат радоста повторно да се разгорува во животот. Сепак, тој истакна дека „во својата едноставност таквите гестови нè доведуваат во судир со светот“. Исус беше искушуван во пустината да избере други патишта и да го наметне Својот идентитет. Но Тој ги отфрли патиштата што ќе Го одведеа да „го изгуби Својот вистински вкус, оној што го наоѓаме секоја недела во Лебот што се прекршува, што е живот даруван и тивка љубов“.

На крајот, папата Лав ги охрабри сите да бидат „нахранети и просветлени преку заедништвото со Исус“. Без фалење, објасни тој, „тогаш ќе бидеме како град поставен на гора, не само видлив, туку и привлечен и гостопримлив: градот Божји, каде што секој, во длабочината на срцето, посакува да живее и да најде мир“.

Тој ги повика сите присутни на плоштадот да ги доверат своите молитви на Марија, Вратата Небесна, за да помогне „да станеме и да останеме ученици на нејзиниот Син“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот