Urbi et Orbi: Иако сме различни, сепак сите сме браќа

Urbi et Orbi: Иако сме различни, сепак сите сме браќа

Во традиционалната божиќна порака, после која го подели Апостолскиот благослов Urbi et Orbi – на градот и светот, папата Фрањо на целиот свет му посака повторно да го открие братството, кое нѐ поврзува и покрај различностите. Светиот Отец спомна повеќе држави во светот на кои им се потребни мир и помирување, и посебно мисли на христијаните кои го слават Божиќ во тешки услови.

Овој Божиќ нека ни помогне повторно да ги откриеме братските врски кои нѐ поврзуваат како човечки бтиија и кои ги поврзуваат народите и покрај разликите во религијата, културата и идеите – е желба напапата Фрањо, која ја упати од централната ложа на базиликата Свети Петар на 25 декември 2018 година, пред околу 50.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар, како и оние кои Папската божиќна порака и благослов ги примија преку радио и телевизија.

Во својот говор Папата ги спомна Светата Земја, Јемен, Африка, Украина, Корејскиот полуостров, Венецуела и Никарагва, посакувајќи мир и помирување; ги спомна и народите кои се изложени на идеолошка колонизација и страдаат заради глад и недостаток на образование и здравствени услуги. Освен тоа зборуваше и за средините во кои христијаните се ранливо малцинство, а ги спомна и сите деца на планетата и сите отфрлени.

Бог е добар Отец, а сите ние сме браќа

Братството е главната мисла во пораката Urbi et Orbi – на градот и светот, на празникот на Раѓањето Христово; братство без кое настојувањата за праведен свет има „краток здив“. Бог е добар Отец, а сите ние сме браќа – тоа е имено Божиќната порака. Поради тоа мојата желба за среќен Божиќ е братството – рече Светиот Отец. Братство меѓу луѓето од сите народи и култури. Братство меѓу луѓето со различни идеи, но спосбни да се почитуваат взаемно и да се слуша другиот. Братство меѓу луѓето со различни религии: Исус дојде на светот да го објави Божјото лице на сите оние кои го бараат.

Тоа не е лице кое се појавило на некој ангел, туку во конкретно човечко лице. И така со своето овоплотување Синот Божји ни покажува дека спасението ни доаѓа преку љубовта, прифаќањето, почитта кон ова наше сиромашно човештво кое сите го делиме во големата различност на етнички групи, јазици, култури…. но сите сме браќа во човештвото – истакна Светиот Отец.

И како што мозаикот е поубав ако уметникот има каменчиња со различни бои, така и нашите разлики не се штета или опасност, туку богатство. На тоа нѐ учи – според зборовите на Папата – искуствотото во семејствата. Како што родителите помагаат на браќата и сестрите да се сакаат, иако секогаш не се согласуваат, но се поврзани со нераскинлива врска, така и Бог е „родител“ на човечкото семејство, темел на нашето братство.

Мир и помирување

Спомнувајќи во пораката, како и секоја година, повеќе земји во светот, Папата најпрво посака Израелците и Палестинците повторно да започнат со дијалогот и да појдат кон патот на мир, кои ќе донесе завршување на судирите, кои веќе повеќе од 70 години ја погодуваат земјата, која Господ ја избра за да го покаже своето лице на љубовта.

За саканата Сирија, Папата посака, после долгите години со војна, повторно да се пронајде братството. Желбата на Папата е меѓународната заедница одлучно да се ангажира за политичко решение, со кое ќе се отстранат поделбите, како сирискиот народ, посебно оние кои морале да ја напуштат својата земја, ќе се вратат и повторно ќе живеат во мир во сопствената татковина. За Јемен пак посака примирјето конечно да донесе олеснување на бројните деца и жителите исцрпени од војната и гладот.

Во мислите на папата Фрањо во пораката беше и Африка, со милионите бегалци, на кои им е потрбена хуманитарна помош. Нека Божественото Дете, Царот на мирот, направи да замолчи оружјето и да изгрее нова зора на братство на целиот континент – посака Папата благословувајќи ги напорите на оние кои работат на помирување. Папата, освен тоа, се надева дека Божиќ ќе овозможи да се продолжи со приближувањето кое е започнато на Корејскиот полуостров и да се дојде до заеднички решенија.

Папата посака олеснување и за саканата Украина, која жеднее за воспоставување на траен мир до кој никако не може да се дојде. Само со мир, кој ги почитува правата на секој народ, земјата ќе може да се опорави од нанесените страдања – истакна Папата, изразувајќи близина со христијанските заедници во тоа подрачје и рече дека ќе се моли за изградба на односи на братство и пријателство.

За Венецуела папата Фрањо посака повторно да се пронајде слогата меѓу актерите во општеството, како би работеле братски за развојот на земјата и да помогнат на најслабите слоеви од општеството. За Никарагва посака да не надвладеат поделбте, туку сите да се ангажираат за помирување.

Верска слобода за малцинствата

Папата се спомна и на народите кои се подложени на идеолошка, културна и економска колонизација, гледајќи како им се зема слободата и идентитетот и кои страдаат заради глас и недостаток на образование и здравствени услуги. Посебни мисли Папата упати на нашите браќа и сестри – како што рече Светиот Отец – кои го слават Божиќ во посебно тешки, да не кажам непријателски услови, посебно таму каде христијанските заедници се малцинство, понекогаш ранливо или запоставено. На нив и на сите малцинства Господ нека ѝ даде да живеат во мир и да им се признаат нивните права, посебно верската слобода.

Децата и сите отфрлени лица

На крајот во мислите на Папата беа сите деца од нашата планета. Нека малото премрзнато Дете кое денес го гледаме во јаслите ги заштити сите деца на светот и секоја кревка, беспомошна и отрлена личност. Сите да можеме да примиме мир и утеха од раѓањето на Спасителот и да почуствуваме дека нѐ љуби единиот небесен Отец, и повторно да живееме како браќа – посака папата Фрањо на крајот од пораката Urbi et Orbi – на градот и светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот