Во 2018 се убиени повеќе од 3000 христијани

Во 2018 се убиени повеќе од 3000 христијани

И оваа година голем број христијани се убиени заради верата.

Денес има маченици повеќе отколку во првите векови – повеќе пати истакна папата Фрањо спомнувајќи ги неодамна на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта коптите убиени на плажата во Либија, кои умреа повикувајќи го Исусовото име и со утеха во срцето.

Пред повеќе од еден месец фондацијата со Папско право „Помош на Црквата во неволја“ го објави својот годишен извештај кој го опфаќа периодот од јули 2016 до јули оваа година, а од кој произлегува дека во светот има околу 300 милиони прогонети христијани и 38 земји во кои тие се дискриминирани. Многу од нив го загубиле животот заради својата вера.

И во оваа 2018 година се потврдува за жал, тој драматичен стремеж – рече во разговор за Ватикан њуз Марта Петросило гласноговорник на спомнатата фондација, додавајќи дека е многу тешко да се има точна проценка, ги споменува само некои од бројните тажни настани. Меѓу останатите ги спомнува петмината свештеници во Централноафриканската Република, убиени во четири одвоени напади; и седумината свештеници убиени во Мексико.

Во Нигерија во април е извршен напад на една црква во кој се убиени двајца свештеници. Во таа земја само во првите пет месеци од оваа година се убиени речиси 500 христијани. Во неодамнешниот напад во Египет извршен на 2 ноември се убиени 11 христијани додека патуваа кон светилиште, со големиот број други убиства се потврдува драмата на противхристијанскиот прогон – рече Марта Петросило.

Осврнувајќи се на една добра вест во оваа година, за ослободувањето на Асија Биби во Пакистан после речиси десет години поминати во затвор, гласноговорникот на фондацијата „Помош на Црквата во неволја“ рече дека за жал нејзината драма сè уште трае. Се надевавме дека Асија набрзо ќе може да ја напушти земјата, но тоа за жал сè уште не се случило; затоа сè уште се наоѓа во Пакистан и таа и нејзиниот сопруг живеат под заштита. Но не и нејзините две ќерки кои само за два месеци примиле голем број закани и неколку пати морале да се селат.

Жените христијанки во голем број средини двојно се погодени – додава Петросило. Во многу земји се случуваат киднапирања, силувања, присилни бракови. Жалосен е примерот во Пакистан каде секоја година се претпоставува дека околу илјадници девојки, но веројатно многу повеќе, христијанки и хиндуистки се киднапираат, силуваат и потоа се принудуваат на брак со нивните силувачи. Еден од последните случаи се случи изминатите месеци, а станува збор за 12 годишно девојче.

Слична е ситуацијата и во Египет, каде секој месец се случува киднапирање на жена, која се принудува на преобраќање, а потоа и на брак со силувачот. Затоа да се биде жена и христијанка во голем број земји во светот значи да се биде двојно ранлива. Тоа за жал важи и за децата – рече Марта Петросило.

И Кристијан Нани директор на претставништвото на здружението Open Doors/Отворени врати во Италија кое делува во повеќе од 60 земји, давајќи образование и помош на христијаните кои страдаат заради својата вера, потврди дека според нивните проценки во 2018 година се убиени повеќе христијани од изминатите години. Имаше многу насилство оваа година; веројатно бројот на христијаните убиени заради нивната вера ќе биде поголем во однос на 2017 година, во текот на која се убиени повеќе од 3000 христијани. Тие податоци не се однесуваат на христијани убиени во војни, или заради беда или слично, туку заради нивното иповедување на христијанската вера – истакна Нани.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот