Проповед на Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов за време на Божиќната светата Литургија

Проповед на Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов за време на Божиќната светата Литургија

Ја пренесуваме проповедта на бискупот Стојанов за време на светата Литургија по повод празникот Рождество Христово во Скопската катедрала 

Драги браќа и сестри! Во оваа Божиќна ноќ го славиме големиот настан во историјата на спасението, кога Бог одлучи да земе на себе човечки изглед, да го преземе врз себе постоењето на човечкиот род, да се овоплоти и да се појави меѓу нас како дете родено од жена. Го славиме роденденот на долгоочекуваното Божјо ветување на човештвото, оној што го нарекуваме Месија, Христос Господ и Откупител на човечкиот род. Божјиот Син доаѓа на свет како мало и беспомошно дете, целосно предавајќи се во рацете на луѓето. „Вака сакаше да дојде на свет оној што сакаше луѓето да го сакаат и да не се плашат од него“ (Ј. С.). Кога Исус се родил, некои го отфрлиле, други биле рамнодушни кон Него, а го препознале и прифатиле оние безопасни и мудри, што му пристапиле и донеле подароци достојни за Неговата личност, затоа што веќе при неговото раѓање ги препознале знаците што Бог ги испратил на земјата.

Бог дојде во светот како дете. Оној кој е толку моќен, кој ги создаде небесата и земјата, кој на сите што живеат им вдахна свој дух на живот, се понижува и прифаќа да биде човек, да биде роден, прифатен, хранет, негуван. Така се манифестирала Божјата љубов во светот. И ние така треба да застанеме пред Бога, токму како деца. Кога знаеме дека сме од Бога сакани, тогаш треба да му возвратиме љубов на начин што ќе ги сакаме сите луѓе, без оглед какви сѐ и со какво име се нарекуваат. Бог, како дете, дојде на светот и се предаде целосно на луѓето да го хранат, негуваат, гледаат и воспитуваат. Божјата доверба кон човекот била голема. Тој и од нас очекува и нè повикува да му служиме токму во оние чии зборови едвај се слушаат во јавноста, кај малите и сиромашните или, со еден збор, кај оние во потреба.

Тој повик го слушнала и нашата Светица, света Мајка Тереза, која од љубов кон Исус сакаше да биде само „молив во Божјите раце, парче молив со кој Тој пишува само тоа што тој го сака“. Таа ја разбрала суштината на христијанското служење на Исус, велејќи: „Сите ние не сме создадени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов.“ По повод 40-годишнината од Обединетите нации, света Мајка Тереза била почесен гостин на свечената церемонија. Во таа пригода, пред избраната публика на дипломати, политичари и претприемачи бил прикажан првиот филм посветен на животот на Мајка Тереза. По филмот пристапила и таа на сцената, а за тоа што таму го доживеела и почувствувала му раскажала на еден свештеник: „Беше прекрасно во Њујорк. Сите се молеа во салата каде што порано никогаш не се молело. Им порачав: ‘Оваа вредна и достоинствена организација е создадена пред четириесет години за да се зачува мирот во светот. Мирот не загосподари. Да се молиме заедно на Оној кој единствено може да обезбеди мир на овој свет’. Потоа, на сите им поделив ливчиња со едноставна молитва на свети Фрањо и ја предводев молитвата до единствениот и вистински Бог. Не е ли тоа прекрасно?“

Навистина, тоа е прекрасно! Неверојатно е тоа што во таа пригода, при Исусовото раѓање во пештерата, ангелот им се обратил на едноставните пастири со зборовите: „Денес во градот Давидов ви се роди Спасител, Кој е Христос Господ“, а потоа му се придружува многубројно небесно воинство кое го славило Бога, велејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ (Лк. 2: 11-14). Едноставните луѓе, Божји миленици, се подготвени и способни со смирение на срцето да го прифатат Божјиот глас што го слушаат, а кога ќе го чујат, подготвени се да го послушаат.

Божјиот глас го слушна и папата Фрањо, кога на почетокот на мај одлучи да посети две балкански држави: Бугарија и Македонија, како гласник на мирот и љубовта. Овде кај нас, оваа посета беше во знакот на нашата Светица, света Мајка Тереза, чии напори ги пофали Светиот Отец, а преку тогашниот наш претседател Иванов, а во присуство на сегашниот Претседател Пендаровски, преставници на Владата и дипломатскиот кор, ни порача: „Ве охрабрувам: со самодоверба да истраете на патот што сте го зацртале, вашата Земја да ја направите светилник на мирот, прифаќање и плодна интеграција помеѓу културите, верите и народите!“ Мислам дека вечерва, како бискуп на оваа Црква, не можам да искажам поубава честитка од оваа.

Таму во јаслите лежи дете. Тоа не е обично дете, туку самиот Син Божји. Ова дете има чудна моќ, моќ што нè привлекува кон себе, велејќи ни: „Дојдете кај мене! Дозволете ми да го допрам вашето срце, тогаш ќе откриете дека сум ви брат, а и вие меѓу себе дека сте браќа и сестри“.

Ова дете кога ќе порасне повторно ќе ги обединува луѓето. Ќе им го одзеде стравот да не се плашат едни од други. Тој им дарува помирување, мир и заедништво. Така Исус собира околу себе голем круг на браќа и сестри од кои е создадена Црквата. За нив на почетокот се зборувало: Гледајте колку се сакаат. Зарем денес треба поинаку да се говори за нас? Не дај Боже.

Браќа и сестри, Исус да ни помогне да ја најдеме довербата што не прави човечни, да се учиме од Него на богољубност и човекољубност. Тој да ни помогне да ја најдеме таа блискост во нашите семејства, меѓу познатите и колегите, меѓу пријателите и соседите, во заедницата и во општеството, не само за овие празници, туку во текот на целата година и целиот наш живот. Во оваа радосно време да ги утеши тажните, да ги оздрави болните, да ги врати