Во сабота и недела, 25 и 26 јули 2026 година, во парохиската црква „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, со благослов на Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, ќе се одржи молитвен настан по повод Светскиот ден на бабите, дедовците и старите лица.
Молитвениот настан ќе започне во сабота, 25 јули 2026 година, во 19:00 часот, со Вечерна и помазание, по што во дворот на црквата ќе биде организирано заедничко дружење за присутните.
Во недела, 26 јули 2026 година во 9:00 часот, ќе се служи света Литургија по накана за бабите, дедовците и старите лица.
На настанот, покрај бабите, дедовците и старите лица, повикани се да се придружат и нивните деца, внуци и правнуци, и на тој начин да ја искажат својата благодарност и почит кон нивното важно место во семејството и во општествениот живот.
Бабите, дедовците и старите лица ја носат и пренесуваат мудроста на животот и искуството, од кои помладите можат многу да научат. Тоа е мудрост што често не е запишана во ниту една книга и не може да се најде во ниту една објава на социјалните мрежи, туку се прима преку нивното сведоштво и заедништвото со нив.
к.мк

