По молитвата Ангел Господов, во недела 5 јули 2026 година, папата Лав XIV ја насочи својата мисла кон Венецуела, која трагично беше погодена од два силни земјотреса што однесоа речиси 3.000 животи. Папата се потсети и на неодамнешната беатификација на виетнамскиот свештеник Франциск Ксавиер Труонг Бу, убиен од омраза кон верата.
По молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV им се обрати на присутните на шпански јазик, изразувајќи ја својата грижа и близина со народот на Венецуела, кој тагува по загубата на своите најблиски по катастрофалните земјотреси од 24 јуни.
Бројот на жртвите продолжува да расте по двата земјотреса што тешко ја погодија Ла Гваира, епицентарот на катастрофата, на околу 40 километри од главниот град Каракас.
„Во моите молитви продолжувам да се сеќавам на жртвите од земјотресот и на целиот венецуелски народ. Нека Господ ги поткрепи во ова време на големи тешкотии“, рече Папата.
Досега во земјата се регистрирани речиси 3.000 жртви од двата земјотреса, една од најмоќните и најразорни катастрофи во Латинска Америка. Многу раселени лица и понатаму се наоѓаат на улиците или во привремени засолништа, додека меѓународните спасувачки екипи постепено ја завршуваат потрагата по преживеани под урнатините.
Поддршка за проповедниците на Евангелието
Папата се потсети и на беатификацијата на отец Франциск Ксавиер Труонг Бу, која беше одржана на 2 јули во светилиштето Так Сеј во Виетнам. Свештеникот бил убиен во 1946 година од омраза кон верата.
Церемонијата ја предводеше кардинал Луис Антонио Тагле, пропрефект на Дикастеријата за евангелизација, кој го опиша свештеникот како „мисионер во вистинска смисла на зборот“. Папата Лав XIV го претстави како пример за близина со народот.
„Среде угнетување и насилство, тој ги бранеше правата на народот и не ги напушти своите парохијани. Нека неговото застапништво и молитви ги зајакнат сите што денес го проповедаат Евангелието во услови на прогонство“, рече Папата.
На крајот, папата Лав XIV ги поздрави верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“. Зборувајќи на португалски јазик, тој ги поздрави поклониците од Бразил и хорот на Универзитетот во Мерида во Венецуела.
Папата поздрави и неколку полски групи, како и групи италијански верници од Белаџо на езерото Комо и од Сицилија.
Ватикан њуз/к.мк

