Надбискупот Балестреро: Управување со вештачка интелигенција за избалансиран и етички развој

Постојаниот претставник на Светиот Престол во Обединетите нации зборуваше на 28. сесија на Комисијата на Обединетите нации за наука и технологијата за развој и предупреди на опасностите од „технократската парадигма“, поддржувајќи ја, напротив, идејата за управување со вештачката интелигенција.
Светиот Престол признава дека напредокот во информатичката технологија овозможи нови можности за развој на глобално ниво, силно влијаејќи врз сите области на економијата, општеството и управувањето. Сепак, сè уште постојат длабоки нееднаквости во пристапот до новите технологии низ целиот свет, особено на штета на посиромашните земји на кои им недостасува инфраструктура, ресурси и знаење за да ги искористат во целост. Ова, накратко, е суштината на говорот на постојаниот претставник на Светиот Престол во Обединетите нации, Еторе Балестреро, кој го одржа на 28. сесија на Комисијата на Обединетите нации собрана на дискусија за науката и технологијата за развој. Надбискупот ја изрази загриженоста на Светиот Престол за исклучувањето на помалку развиените земји од пристапот до глобалната мрежа, што во дигитализираниот свет значи, меѓу другото, помалку можности за образование и вработување, помал развој на социјалните услуги и намалено учество во економскиот живот.
Во исто време, претставникот на Ватикан предупреди дека е важно да не се шири заблудата дека овие технологии можат да ги решат сите проблеми, но е вистина дека новите технологии, вклучително и онаа на новата вештачка интелигенција во создавање, нудат нови решенија за голем број предизвици – објасни надбискупот Балестреро. Мора да избегнеме – додаде тој – да паднеме во технократска парадигма која би можела, во име на ефикасноста, да ги стави во втор план човечкото достоинство, братството и социјалната правда.
Управување со вештачката интелигенција
Меѓу ризиците на кои предупреди постојаниот претставник на Светиот Престол, важно е да се препознаат оние кои се поврзани со комодификацијата на образованието, со неговата трансформација во економски ресурс, потоа негативните ефекти врз пазарот на трудот, виртуелизацијата на човечките односи, со ширењето на „длабоко лажна“ содржина, т.е. вештачки создадена содржина и дезинформации, со сериозни повреди на приватноста. Затоа, Светиот Престол уште еднаш ја нагласи итноста од регулирање на вештачката интелигенција, токму поради огромните можности што ги нуди, но во исто време и ризиците што ги носи, а да не ги спомнуваме етичките последици од концентрирањето на нејзините најраспространети апликации во рацете на само неколку компании.
На крајот, Светиот Престол го изразува своето задоволство од тековниот процес на подготовка на документот за евалуација на работната група за вештачка интелигенција, предложен во Глобалниот дигитален договор, сметајќи го за прв позитивен чекор кон избалансиран и чувствителен на ризик пристап кон темата за вештачка интелигенција. Поточно, етичката регулаторна рамка – истакна Балестреро – треба да гарантира дека вештачката интелигенција промовира вистински напредок и дека правните лица се одговорни за нејзината употреба, преку соодветни средства за заштита на транспарентноста, приватноста и отчетноста.
Ватикан њуз/к.мк