Папата Лав XIV ги повика католиците ширум светот да се молат и да постат за нови свештенички и монашки звања. Повикот го упати за време на Вечерната во катедралата на Безгрешното Зачнување и Светите Филип и Јаков во Монтевидео, каде се сретна со епископи, свештеници, ѓакони, богопосветени лица и семинаристи.
„Од катедралата во Монтевидео, ги повикувам моите браќа епископи од целиот свет да ги охрабрат своите епархии да одржуваат денови на молитва и пост за зголемување на звањата за свештенството и богопосветениот живот“, рече Светиот Отец.
Папата ги повика парохиите, семејствата и верските заедници заеднички да се вклучат во молитвата, посочувајќи го примерот на Црквата во Уругвај.
Иницијативата таму започнала во 2024 година, кога меѓуепархиската семинарија не примила ниту еден нов кандидат. Тоа ги поттикнало верниците да се соберат на молитва и пост, молејќи го Господ да испрати нови работници во Својата жетва.
Папата истакна дека верниците истрајале во молитвата и дека денес веќе се гледаат плодови.
„Денес благодариме што неколку млади луѓе го започнаа својот пат во семинаријата и во богопосветениот живот и се тука со нас“, рече тој.
Светиот Отец изрази радост поради младите кои одговориле на Христовиот повик и им се заблагодари на сите што ја поддржувале молитвата за звања.
„Каква радост е да се знае дека луѓето продолжуваат великодушно да одговараат на Христовата љубов. Препознајте ги овие плодови како доказ дека нашиот Бог ги слуша молитвите на Својот народ“, порача папата Лав XIV.
Тој изрази надеж дека искуството на Уругвај ќе стане поттик и за други епархии, каде молитвата за нови свештеници и богопосветени лица ќе стане заедничка грижа на целата Црква.
Ватикан њуз/к.мк

