Дикастеријата за комуникации му се заблагодари на Паоло Руфини на крајот од неговиот мандат
Паоло Руфини, првиот лаик кој раководеше со институција на Римската курија, го заврши својот осумгодишен мандат како префект на Дикастеријата за комуникации. Неговата наследничка Монсерат Алварадо му се заблагодари за неговата посветеност и вера.
Вработените во Дикастеријата за комуникации на 30 октомври му упатија срдечна благодарност на Паоло Руфини, новинарот кој осум години ја предводеше институцијата задолжена за обединување и координирање на различните ватикански медиуми.
Руфини беше назначен од папата Фрањо во 2018 година и стана првиот лаик кој застана на чело на институција на Римската курија. На 70-годишна возраст, тој го заврши својот мандат, а на 1 ноември должноста ја презеде Монсерат Алварадо, дотогашна претседателка и главна оперативна директорка на EWTN News.
Алварадо беше назначена од папата Лав XIV на 2 јуни и стана првата жена лаик која раководи со Дикастерија на Римската курија. Таа го оцени овој момент како историски за институционалниот живот на Ватикан и за поширокиот пат на Црквата.
Благодарност од новата префектка
„Сакав да бидеме заедно затоа што ова е историски момент“, рече Алварадо пред вработените во Дикастеријата.
Според неа, фактот што Руфини бил првиот префект лаик претставува знак за близината на Црквата кон различните служби и звања присутни во Дикастеријата, која обединува луѓе од различни јазици, култури и средини.
„Сите сме повикани да учествуваме во мисијата на Црквата“, истакна таа.
Обраќајќи му се директно на Руфини, Алварадо нагласи дека Дикастеријата е средство преку кое се пренесува комуникацијата на Папата и дека тоа носи огромна одговорност.
Таа му се заблагодари што ја презел таа одговорност и што целосно се вложил во својата служба, и покрај критиките и пофалбите што ги добивал во текот на мандатот.
Според Алварадо, критиката може да помогне работите да се подобрат, додека познавањето на вистината дава сила да се продолжи напред.
Да се носи евангелската порака до целиот свет
„Горди сме на сè што направивте овде“, рече новата префектка, истакнувајќи ја улогата на Дикастеријата во пренесувањето на евангелската порака низ целиот свет.
Преку различни мултимедијални платформи и содржини на 58 јазици, ватиканските медиуми секојдневно допираат до луѓето и до перифериите.
Алварадо му се заблагодари на Руфини и за примерот што го оставил зад себе.
„Ви благодарам од сè срце. Вашиот пример ми помага да видам што можам да направам. Како жена лаик, сето ова е ново, но вие го направивте првиот чекор и можам да продолжам по овој пат следејќи го вашиот пример“, рече таа.
Таа посебно му се заблагодари за неговата вера и за можноста да стане дел од историјата на Црквата.
Проштални зборови на Паоло Руфини
Збогувајќи се со Палацо Пио, кој во изминатите осум години беше негово работно место, Руфини потсети на неколку клучни зборови од Motu Proprio со кој во 2015 година беше основана тогашната институција за комуникации на Светиот Престол.
Меѓу нив ги издвои преминот, предавањето на одговорноста, патувањето, радоста и убавината.
Според Руфини, овие поими остануваат важни и во денешниот комуникациски контекст, бидејќи потсетуваат дека сегашноста треба да се живее целосно, а иднината да се гради заедно.
„Моравме да се соочиме со многу тешкотии и успеавме благодарение на сите нас заедно“, рече Руфини.
Тој им порача на своите досегашни соработници дека ќе ги носи во срцето и ги повика вработените да ја поддржат новата префектка.
„Имате долг пат пред себе. Имате професионалност, меѓусебна љубов и вера. Ќе ја читам вашата работа, ќе ве следам и нема да ја изгубиме врската“, рече Руфини.
Средбата заврши со аплауз, здравица и благослов од свештениците кои работат во Vatican News, Радио Ватикан и L’Osservatore Romano.
Тоа беше уште еден израз на благодарност кон Руфини, кој во текот на својот мандат, често преку тивка и ненаметлива работа, покажуваше внимание кон чувствителноста и посебните квалитети на секој од своите соработници.
Ватикан њуз/к.мк

