Папата апелира за прекин на непријателствата во Јемен и се моли за жртвите од нападот во Јордан
По неделната молитва „Ангел Господов“, папата Лав XIV го насочи вниманието кон тешката хуманитарна состојба во Јемен, се помоли за жртвите од нападот во Јордан и ги повика верниците духовно да се обединат со учесниците на собирот во Асизи по повод 40-годишнината од првиот Светски ден на молитва за мир.
Папата Лав XIV апелираше за прекин на непријателствата во Јемен и се помоли за загинатите и повредените во нападот врз верниците во Јордан, обраќајќи им се на верниците по молитвата „Ангел Господов“ во недела, 25 октомври 2026 година.
Папата се осврна и на собирот на христијански и верски водачи во Асизи на 27 октомври, по повод 40-годишнината од историската средба свикана од свети Иван Павле II.
Апел за Јемен
Изразувајќи загриженост поради тешката хуманитарна состојба во Јемен, папата Лав особено се осврна на градот Таиз, „каде населението страда од недостиг на храна, вода и медицинска грижа“.
„Упатувам искрен апел за прекин на непријателствата и за обезбедување мирен живот за јеменскиот народ и за сите народи во регионот“, рече Папата.
Во Таиз, борбите и затворањето на патиштата го попречија снабдувањето со основни средства, оставајќи го цивилното население со сè поголем недостиг на вода, храна и гориво.
Обединетите нации повикаа на итен хуманитарен пристап, предупредувајќи дека болниците имаат сè поголеми тешкотии да ги одржат основните услуги поради намалените резерви на лекови и кислород. Недостигот го загрозува и работењето на јавните кујни кои обезбедуваат оброци за најранливите семејства.
Молитва за жртвите во Јордан
Осврнувајќи се на Јордан, папата Лав ги увери во своите молитви семејствата на загинатите и повредените во нападот врз верниците во православната црква „Свети Ѓорѓи“ во Хармуд.
„Близок сум со таа заедница и со целата земја, која се истакнува со мирниот соживот и меѓусебното почитување меѓу различните религии“, рече Папата.
Девет лица загинаа, а околу четириесет беа повредени кога вооружени напаѓачи отворија оган за време на погреб во црква во јорданската покраина Карак на 23 октомври.
Властите продолжуваат со потрагата по напаѓачите, а досега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.
Четириесет години од молитвениот собир во Асизи
„Да продолжиме заедно да се молиме за мир“, повика Папата, поканувајќи ги верниците духовно да се обединат со христијанските и верските водачи кои ќе се соберат во Асизи во вторник, 27 октомври.
Средбата ја одбележува 40-годишнината од историскиот Светски ден на молитва за мир, свикан од свети Иван Павле II во 1986 година, кога претставници на различни религии се собраа во Асизи за да се молат за мир.
„Никогаш порано не било толку очигледно дека војните, освен што сеат смрт и уништување, го осиромашуваат и му нанесуваат штета на светот“, рече папата Лав.
„Нека Господ вдахнови одлуки за дијалог и мир“, заклучи тој.
Ватикан њуз/к.мк

