Ангел Господов: Љубовта кон Бога мора да се прелее во љубов кон ближниот

Ангел Господов: Љубовта кон Бога мора да се прелее во љубов кон ближниот

Во своето неделно обраќање пред молитвата „Ангел Господов“, папата Лав XIV размислуваше за најголемата заповед, нагласувајќи дека љубовта е суштината на верата и дека мора да стане дар за оние што се околу нас.

„Не можеме вистински да Го љубиме Бога ако таа љубов не се прелева во љубов кон нашите браќа и сестри“, рече папата Лав XIV за време на молитвата „Ангел Господов“ во недела, 25 октомври 2026 година.

Обраќајќи им се на верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“, Папата размислуваше за неделното Евангелие според Матеј, во кое еден законик Го искушува Исус прашувајќи Го која заповед е најголема.

Исус одговара со зборовите од Второзаконие: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум.“

Со овие зборови, објасни папата Лав, Христос ја става љубовта во самото средиште на нашиот однос со Бога.

Личен однос со Бога

Не е доволно, рече Папата, само да признаеме дека Бог постои, дека Тој е единствениот Бог или дека е семоќен. „Господ бара личен однос со нас: единствениот вистински Бог сака да стане наш Бог“, рече Папата.

Во таа средба, заповедта за љубов не е обврска ниту наметнување, бидејќи „не може да се љуби по наредба“. Напротив, продолжи папата Лав, љубовта кон Бога е најдлабокиот израз на човечкиот копнеж, кој го наоѓа своето исполнување во заедништвото со Него. Нашата љубов станува вистинска кога одговара на Божјата љубов, „која секогаш ни претходи“.

Таквиот одговор бара посветеност на целиот човек: срцето, душата и разумот.

Да ги гледаме другите со Христовите очи

Покрај првата заповед, Исус поставува и втора: „Возљуби го својот ближен како самиот себе.“ Двете заповеди, објасни Папата, извираат од истиот извор. Преку блискиот однос со Бога учиме и себеси и другите да ги гледаме со Христовите очи.

„На тој начин се надминува себичноста, па дури и љубовта кон себеси станува милосрдие: нашиот живот се насочува кон другиот и станува дар за оние што се околу нас“, рече тој.

Љубовта ѝ ја дава суштината на верата

Папата Лав потоа потсети на зборовите на света Тереза од Детето Исус, која сфатила дека љубовта е она што го вдахновува животот и мисијата на Црквата.

„Само љубовта“, пишува таа, ги поттикнува „членовите на Црквата да дејствуваат“, додавајќи дека ако љубовта згасне, апостолите повеќе не би го навестувале Евангелието.

Без љубов, предупреди Папата, „нашата вера би била лишена од својата суштина, нашите добри дела би се сведеле на обичен морализам, а нашата надеж би била залудна“.

Затоа, љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот се неразделни. „Не можеме вистински да го љубиме нашиот ближен освен како деца на истиот Отец, Кој прв нè возљуби во Својот Син Исус“, рече папата Лав.

На крајот од своето размислување Папата ги повика верниците да бараат од Господ „благодат на ново срце, способно да ја прифати и живее најголемата од сите заповеди“.

Оваа молитва ја довери на застапништвото на Пресвета Богородица, „во чие Безгрешно Срце нема ништо друго освен љубов“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот