„Направи нè достојни, Господи, да им служиме на луѓето низ целиот свет, кои живеат и умираат во сиромаштија и глад. Преку нашите раце дај им го нивниот секојдневен леб, а преку нашата љубов полна со разбирање дарувај им мир и радост“, рече, меѓу другото, света Мајка Тереза при примањето на Нобеловата награда за мир, на 10 декември 1979 година во Осло.
Низ вековите, многу свети мажи и жени ја истакнувале силата на љубовта во решавањето на најтешките прашања во животот. Делото на Мајка Тереза, им подава рака на оние што општеството ги отфрла и претставува прекрасен пример како еден човек, преку љубов, може да направи многу.
Во продолжение се неколку мисли од оваа сакана светица кои можат да нè вдахноват.
Порано верував дека молитвата ја менува ситуацијата, но сега знам дека молитвата нè менува нас, а потоа ние ја менуваме ситуацијата.
Ако ги осудуваш другите, немаш време да ги љубиш.
Малите нешта направени со голема љубов ќе го променат светот.
Твоето вистинско лице се открива во начинот на кој се однесуваш кон оние што не можат да направат ништо за тебе.
Секојпат кога некому ќе му се насмевнеш, тоа е дело на љубовта, прекрасен дар за таа личност.
Она што го правиме е само капка во океанот. Но без нашето дело, океанот би бил посиромашен за таа капка.
Човековите права не се привилегии потврдени од властите. Тие се право на секое човечко битие и се втемелени во нашата човечност.
ИКА/к.мк

