Во рамки на манифестацијата „Денови на света Мајка Тереза“, која годинава се одржува по повод 10-годишнината од нејзината канонизација, на 31 август и 1 септември во Скопје се одржаа две културно-духовни вечери посветени на животот, духовното наследство и делото на светицата родена во Скопје.
Во понеделник, 31 август, во капелата на Спомен-куќата на Мајка Тереза се одржа молитвено-духовна програма, на која во име на Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, присустуваа дон Томаш Бак и дон Карол Томашевски.
Во програмата настапи Серафина Фантауцо со изведба на „Аве Марија“ од Франц Шуберт, додека м-р Елеонора Николовска прочита избрани мисли и цитати од света Мајка Тереза на македонски и англиски јазик.
Посебен духовен белег на вечерта дадоа сестрите Мисионерки на љубовта од Скопје, монашката заедница основана од света Мајка Тереза, кои упатија молитви за своето послание, за животот според харизмата на нивната основателка и за исполнување на Божјата волја во светот.
На крајот од програмата дон Томаш Бак ги благослови присутните.
Во вторник вечерта, 1 септември, бискупот Стојанов присуствува на поетска вечер во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје посветена на света Мајка Тереза. Со свои творби настапија Елеонора Николовска, Оливера Јовановска, Делвина Крлиќ, Виолета Ачкоска, Благојка Филипчева и Љерка Тот Наумова.
Во музичкиот дел настапија м-р Јулија Нелковска на виолина и Филип Костов на гитара.
Во рамки на вечерта беше организирана и продажна изложба на уметнички дела од истакнати македонски академски сликари, подарени на Католичката црква. Средствата од продадените дела се наменети за помош на сиромашните преку Каритас, со што чествувањето доби и конкретна хуманитарна димензија во духот на животното дело на света Мајка Тереза.
Манифестацијата „Денови на света Мајка Тереза“ се одржува од 26 август до 5 септември, во организација на Католичката црква во Македонија и Заедницата на Хрватите во Република Македонија, по повод десет години од канонизацијата на света Мајка Тереза.
к.мк

