За време на молитвата Ангел Господов во Кастел Гандолфо во недела, 30 август 2026 година, папата Лав XIV упати неколку апели, меѓу кои и за ситуацијата во Хаити и за катастрофалните поплави на Хималаите.
„Од Хаити добиваме драматични вести за ужасниот масакр во Кенскоф, во кој бројни луѓе го загубија животот, а други беа земени како заложници“, рече Папата.
„Ги уверувам жртвите и нивните семејства во мојата молитвена близина и повикувам на итно ослободување на сите заложници“, додаде тој.
Папата Лав XIV упати апел „до сите што се на одговорни позиции да преземат конкретни чекори за да ја гарантираат безбедноста на населението и да стават крај на сите форми на насилство“.
Во планинскиот град Кенскоф, во близина на Порт-о-Пренс, вооружена банда пред околу една недела уби десетици луѓе и киднапираше повеќе од педесет лица. Некои од киднапираните беа ослободени во петокот.
Молитва за Непал и Тибет
Друг апел на Папата оваа недела беше посветен на жртвите од катастрофалните ненадејни поплави на Хималаите.
„Ги уверувам погодените од ужасните поплави во Непал и Тибет во моите молитви“, рече Папата. „Да се молиме за загинатите, за повредените и исчезнатите, за семејствата и за спасувачите.“
„Сочувството нека им помогне да се ублажат страдањата и да се обезбеди потребната помош за населението“, додаде тој.
Само во Непал, според извештаите, 752 лица го загубија животот во катастрофата, а повеќе од 2.500 сè уште се водат како исчезнати.
Да го делиме лебот на мирот
„Да продолжиме да се молиме за мир“, продолжи Папата по молитвата Ангел Господов.
Тој потсети на свети Августин, чиј празник се славеше во изминатите денови, и на неговата мисла дека мирот е како „чудотворниот леб“, кој растел во рацете на учениците додека го кршеле и го делеле.
„Сè повеќе луѓе низ целиот свет храбро нека го кршат и го делат лебот на мирот, надминувајќи ги поделбите, унапредувајќи ја правдата и практикувајќи простување, за доброто на сите“, рече папата Лав XIV.
Повик за преобраќање на срцето
На крајот, Папата потсети дека на 1 септември се одбележува Светскиот ден на молитва за грижа за создадениот свет.
„Со тоа започнува Сезоната на создадениот свет, која ја одбележуваат христијани од различни деноминации, а чија тема оваа година е „Жива вода““, рече тој.
„Како што потсетив во мојата порака за овој ден, грижата за нашиот заеднички дом бара преобраќање на срцето, така што она што било употребено за уништување да биде насочено за живот“, истакна Папата.
„Ги поканувам сите да се обединат во молитва и дела, за да станеме канали на живата вода на Божјиот мир и да го освежиме нашиот ранет свет“, порача папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

