Папата: Црквата во САД треба да продолжи да евангелизира и да му служи на општеството

Папата: Црквата во САД треба да продолжи да евангелизира и да му служи на општеството

Папата Лав XIV испрати видеопорака по повод завршувањето на Националното евхаристиско ходочестие во Соединетите Американски Држави, охрабрувајќи ги учесниците од Евхаристијата да црпат извор за обнова и единство.

Евхаристијата нека продолжи да биде извор за обнова и единство за Соединетите Американски Држави и нека ѝ даде сила на Црквата во земјата да евангелизира и да продолжи да му служи на општеството, порача папата Лав XIV во видеопорака по повод завршувањето на Националното евхаристиско ходочестие во САД.

„Евхаристиското наследство на земјата, далеку од тоа да биде заборавено, треба да продолжи да служи како извор на обнова и единство“, рече Папата во видеото објавено на 5 јули 2026 година.

Тој истакна дека преку дарот на Евхаристијата, Црквата во Соединетите Американски Држави ќе најде сила да ја продолжи својата добротворна служба во поширокото општество, особено во областа на образованието, здравствената заштита и основните социјални услуги, а истовремено да ја продолжи и својата мисија на евангелизација.

Единство, обнова и исцелување

Националното евхаристиско поклонение е духовно патување низ Соединетите Американски Држави, придружено со свети Литургии, процесии и други настани. Првпат се одржа во 2024 година, како дел од иницијативата на Конференцијата на католичките бискупи на САД, позната како Национална евхаристиска обнова, чија цел е обновување на побожност кон Христос и Евхаристијата.

Ова искуство беше повторено во 2025 година, а потоа и во 2026 година, кога се совпадна со 250-годишнината од независноста на земјата.

„Додека чекоревте низ многу од тринаесетте првобитни колонии, се молевте за единство, обнова и исцелување на земјата, под мотото „Една нација под Бога“. Овие накани се блиски и до моето срце“, рече папата Лав XIV.

Папата нагласи дека ходочестието, во чиј центар е Господ, е добар начин да се одбележи оваа важна годишнина. Тој им се заблагодари на Конференцијата на католичките бискупи на САД и на сите што учествувале во организацијата.

„Додека земјата ја одбележува годишнината од основањето на својата земна татковина, се надевам дека ова ходочесничко искуство ќе ви помогне да го насочите погледот и кон небесната татковина, и ќе ве потсети дека Евхаристијата е непроценлив дар, наша неопходна храна“, рече Папата.

Важно евхаристиско наследство

Во своето обраќање, папата Лав XIV потсети на важното евхаристиско наследство на својата татковина. Тој рече дека земјата, обединета „под Бога“, уште пред своето формално основање била обележана со чувство на вера што го признава Божјото владеење.

Папата потсети дека на 8 септември 1583 година, на празникот Рождество на Пресвета Богородица, во Свети Августин, Флорида, шпански истражувачи и доселеници отслужиле света Литургија на благодарност по своето пристигнување. Потоа следела заедничка трпеза со локалното племе Селој.

Токму од тоа место започнало и овогодинешното ходочестие.

„Овој историски настан, проследен со многу други, сведочи за силното, иако во голема мера непознато, евхаристиско наследство на Соединетите Американски Држави“, истакна Папата.

Тој нагласи дека ова наследство не треба да се заборави, туку да продолжи да биде извор на обнова и единство за земјата.

Примерот на светите мажи и жени од САД

Папата истакна дека ова евхаристиско наследство продолжува да носи плодови и потсети на светите мажи и жени од Соединетите Американски Држави, кои низ вековите радикално сведочеле за Евангелието.

Меѓу нив ги спомена мачениците од Њујорк и Џорџија, света Катери Текаквита, света Елизабета Ан Сетон, света Катерина Дрексел, свети Џон Њуман и преподобниот Фултон Шин, кој наскоро ќе биде беатифициран.

Папата го спомена и света Франциска Ксавиер Кабрини, по кого е именувана ходочесничката рута. Таа италијанско-американска монахиња се грижела за духовните и материјалните потреби на сиромашните имигранти и е првата Американка прогласена за светица.

„Интензивната апостолска активност на овие свети мажи и жени, и на други слични на нив, не би била можна без силата што секојдневно ја црпеле од моментите на молитва пред светохранилницата“, нагласи Папата.

Да се негува силен евхаристиски живот

Папата потоа истакна дека учесниците во евхаристиското ходочестие одат по стапките на овие важни сведоци и го продолжуваат наследството на верата.

„На вашето патување не недостасуваа славењето на литургијата, евхаристиските процесии и поклонението пред Пресветата Тајна, кои ви ја дадоа силата и храната потребни за да го продолжите патот“, рече Папата.

Тој нагласи дека Телото и Крвта Христови се животот на Црквата на земјата и нејзиното најскапоцено богатство.

На крајот, папата Лав XIV им посака на сите учесници своите животи да ги стават под Божјата љубовна промисла и да продолжат да негуваат силен евхаристиски живот во своите заедници.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот