Папата порача дека сите христијани се повикани заедно да ја одбележат 2033 година, две илјади години од Христовото откупување
Обраќајќи им се на претставниците на Вселенската патријаршија од Константинопол во Рим, папата Лав XIV истакна дека сите христијани се повикани да бидат веродостојни сведоци во време на војни и поларизација. Тој изрази надеж дека сите христијани ќе работат заедно за одбележување на 2033 година, кога ќе се чествуваат две илјади години од Господовото откупување.
„Патот кон прославата на вториот милениум од Откупувањето, во 2033 година, нека го изодат заедно сите христијански заедници во светот, повторно откривајќи го дарот и повикот да бидат сведоци на Воскреснатиот.“
Ова го рече папата Лав XIV во Ватикан, во вторник 30 јуни 2026 година, обраќајќи ѝ се на делегацијата на Вселенската патријаршија по повод свеченоста на светите Петар и Павле.
Изразувајќи радост што ги прима по празникот, папата Лав рече дека нивното присуство ја изразува братската близина на сестринската Црква во Константинопол и на нејзиниот пастир и водач, Неговата Сесветост Вартоломеј, Вселенски патријарх.
Заедничка желба за напредок кон полно единство
Папата рече дека е многу благодарен на Вселенскиот патријарх и на сите членови на Светиот синод што ја испратиле делегацијата во Рим, продолжувајќи ја традиционалната размена на посети по повод празниците на заштитниците на нивните Цркви.
Со радост потсети дека минатата година учествувал на празникот на свети Андреј во Патријаршиската црква „Свети Георгиј“ во Фанар.
Со благодарност се осврна и на своите средби со Вселенскиот патријарх Вартоломеј I, кои дополнително го продлабочиле нивното меѓусебно пријателство и овозможиле поголема размена на мислења за бројни прашања, пред сè за заедничката желба да се напредува по патот кон полно единство меѓу сите христијани.
Одбележување на 1700 години од Првиот вселенски собор во Никеја
Во таа насока, Папата забележа дека одбележувањето на 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја, одржано во пресрет на празникот на свети Андреј во Изник, претставувало „речито сведоштво за заедништвото што веќе постои меѓу оние што ја споделуваат верата во Бога, Отецот на сите, и веруваат во Исус Христос, Господ и Син Божји, и во Светиот Дух, Кој нè вдахновува и нè води кон полнотата на вистината и единството“.
„Тој спомен-настан“, нагласи папата Лав, „јасно покажа дека Никејскиот символ на верата треба да биде темел и водечко начело на овој екуменски пат, нудејќи модел на вистинско единство во оправдана различност, единство во Троица и Троица во единство.“
Христијаните се повикани да бидат веродостоен знак на мирот
„Во време обележано од војни и растечка поларизација, како и од културни и општествени поделби“, истакна Светиот Отец, „христијаните, помирени меѓу себе и обединети во исповедањето на едната вера, се повикани да бидат веродостоен знак на мирот, давајќи решавачки придонес во напорите на сите луѓе со добра волја за градење мир.“
Во сегашната состојба, рече тој, не е доведена во прашање само веродостојноста на христијанската порака, туку и самата иднина на човештвото.
Папата нагласи дека потребата од поголема соработка меѓу христијаните пред денешните предизвици, меѓу кои се мирот, правилната употреба на новите технологии и грижата за созданието, произлегува од самото Евангелие на Исус Христос.
Одговорност за заштита на животот и достоинството на секој човек
Папата истакна дека нашата одговорност за животот и достоинството на секое човечко суштество, почнувајќи од најмладите и оние во најголема потреба, е критериумот според кој ќе се одредува нашата сегашна и вечна судбина.
Завршувајќи го своето обраќање, папата Лав повторно изрази срдечна благодарност за посетата, како и за личната посветеност на делегацијата и на Вселенската патријаршија во промовирањето на единството меѓу христијаните.
„Ве уверувам во моите молитви“, рече тој, додавајќи дека преку застапништвото на светите апостоли Петар и Андреј, браќа по тело и по вера, Бог Отецот секогаш да ги придружува со Својот благослов.
Ватикан њуз/к.мк

