Бискупот Стојанов, во петок 5 јуни 2026 година, ја посети црквата „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје, каде што во тек е нејзината обнова. Станува збор за црква која со децении има посебно место во животот на верниците во Скопје и која, поради дотраеноста на објектот, започна да се обновува по Велигденските празници.
Обновата ја изведува градежната фирма „Кајтази-инвест“ – Скопје, под водство на архитект-инженер м-р Антон Кајтази, а комплетно нова електрична инсталација ја изведува фирмата „Електро Лаб“ под водство на г-дин Сашо Манолев, која е донација од него. Работите се одвиваат според предвидениот план, а се очекува црквата наскоро повторно да биде отворена за верниците.. Работите се одвиваат според предвидениот план, а се очекува црквата наскоро повторно да биде отворена за верниците.
Црквата се обновува со помош на верниците од парохијата „Пресвето Срце Исусово“ и на добротвори. При посетата, бискупот Стојанов изрази благодарност што обновата напредува и што ова молитвено место повторно ќе може да биде ставено во служба на верниците.
Црквата „Свети Јосиф“ е едно од омилените места за молитва на многу верници во Скопје. Во неа многумина се крстени, венчани, ја примиле Првата света Причест или светата Потврда. Верниците и денес со посебна милина зборуваат за ова место, кое со својата едноставност и скромност привлекува бројни луѓе на молитва.
Историјат на црквата „Свети Јосиф“ на Бит-пазар
На местото каде што денес се наоѓа црквата „Свети Јосиф“, во скопската населба Бит-пазар некогаш постоело сиропиталиште за деца без родители и за сиромашни лица. Сиропиталиштето го воделе чесните сестри на св. Винко Паулски, Ќерки на христијанската љубов, познати како Усмиленки, кои по Втората светска војна дошле во Македонија.
Во состав на сиропиталиштето имало и капела посветена на Свети Јосиф, како и станбен простор за чесните сестри. За време на катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, капелата и сиропиталиштето биле срушени. Подоцна, со помош на добротворни организации од странство, објектите повторно биле изградени во форма на монтажни бараки. Една од нив служела како црква, а другите две како живеалишта, една за свештениците, во која на почетокот живеел и Н.П. монс. д-р Јоаким Хербут, а другата за чесните сестри.
По земјотресот, црквата „Свети Јосиф“ одреден период служела и како парохиска црква и брзо станала едно од најомилените места за молитва на католичките верници во Скопје. И по изградбата на денешната Катедрала „Пресвето Срце Исусово“, црквата продолжила да служи за духовните потреби на верниците од римскиот обред.
Од 1996 година, во неделите и празниците во црквата започнала да се служи света Литургија и за католиците од византиски обред, откако Н.П. монс. д-р Јоаким Хербут отвори душогрижништво за нивните потреби.
Монтажните бараки, кои цели 63 години служеле за доброто на верниците, со текот на времето дотрале. Затоа оваа година започна обновата на црквата, со цел таа повторно достоинствено да биде место на молитва и литургиско славење.
Посебно значаен дел од историјата на ова место е и посетата на света Мајка Тереза во 70-тите години од минатиот век, кога по долг период доаѓа во посета на своето родно Скопје. Според сведоштвата, токму пред статуата на Срцето Исусово во оваа црква таа ги изговорила зборовите: „Овде започна сè.“
к.мк

