Папата: Во ерата на вештачката интелигенција потребно е да се промовира комуникација што ја почитува вистината

Папата: Во ерата на вештачката интелигенција потребно е да се промовира комуникација што ја почитува вистината

По молитвата „Небесна Царице“, папата Лав XIV потсети на темата на 60. Светски ден на комуникациите, „Заштита на човечкиот глас и лице“, на која ѝ ја посвети пораката објавена на 24 јануари. Притоа, тој повика на комуникација обележана со вистина и на технолошки иновации насочени кон таа цел.

Во недела, 17 мај 2026 година, по молитвата „Царице небесна“, папата Лав XIV потсети на одбележувањето на Светскиот ден на комуникациите, востановен пред шеесет години по предлог на Вториот ватикански собор. Денот беше замислен за да го насочи вниманието кон широкиот и сложен феномен на современите општествени комуникации, како што објасни Павле VI по повод првото издание.

Затоа папата Лав ги повика комуникаторите да информираат и да шират информации вистинито, користејќи ја технологијата во таа насока:

„Во денешното време на вештачка интелигенција, ги охрабрувам сите да се залагаат за промоција на форми на комуникација што секогаш ја почитуваат вистината за луѓето, кон кои треба да биде насочена секоја технолошка иновација.“

„Заштита на човечкиот глас и лице“

„Заштита на човечкиот глас и лице“ е темата што ја избра Светиот Отец за 60. Светски ден на комуникациите, како и насловот на пораката што ја напиша по тој повод. Во неа се предупредува на опасностите од дигитални измами, сајбер-малтретирање и фалсификувани содржини, а вниманието се насочува и кон измамничките апликации со чет-ботови, искривувањата и паралелните реалности што произлегуваат од вештачката интелигенција.

Меѓудикастерска комисија за вештачка интелигенција

Да потсетиме дека токму со цел да се одговори на предизвиците на вештачката интелигенција, Римскиот епископ на 16 мај 2026 година, со рескрипт одобри основање посебна Меѓудикастерска комисија за вештачка интелигенција. Таа е составена од претставници на Дикастеријата за промовирање на интегрален човечки развој, Дикастеријата за наука на верата, Дикастеријата за култура и образование, Дикастеријата за комуникација, како и од членови на Папската академија за живот, Папската академија на науките и Папската академија за општествени науки.

Имајќи ги предвид развојот на овој феномен во последните децении, сè поголемата брзина на општата примена на оваа технологија и нејзините потенцијални ефекти врз човекот и врз човештвото како целина, ова тело ќе има задача да ја олесни соработката и размената на информации меѓу членовите на групата за активности и проекти поврзани со вештачката интелигенција, вклучително и политиките за нејзина употреба во рамките на Светиот Престол, промовирајќи дијалог, заедништво и учество.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот