Американскиот државен секретар Марко Рубио ќе оствари средби во Рим и Ватикан. Посетата, во услови на тензии меѓу Вашингтон, Ватикан и Италија, се оценува како обид за дипломатско приближување.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, според извори од италијанската влада, следната недела се очекува да пристигне на разговори во Рим и во Ватикан. Предвидени се средби со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин, како и со италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, јави во неделата агенцијата АПА. Според медиумски извештаи, Рубио, кој е католик, би можел да се сретне и со италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето.
Посетата се оценува како обид за дипломатско приближување, во услови на зголемени тензии меѓу Вашингтон, Ватикан и италијанската влада. Причина за заладувањето се, меѓу другото, разликите во ставовите околу војната на САД и Израел против Иран, како и јавната размена на критики меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и папата Лав XIV.
Папата во април ја осуди „бесмислената и нечовечка насилност“ и порача дека христијаните не можат да застанат на страна на оние што „денес фрлаат бомби“. Пред верниците во базиликата „Свети Петар“, Папата рече: „Доста е од војна!“
Трамп одговори со обвинувања дека Папата застанува на страна на земја која, според него, тежнее за нуклеарно оружје. Лав XIV, пак, нагласи дека негова „морална должност“ е да зборува против војната.
Дополнителни тензии се појавија и околу прашањата поврзани со миграциската политика. Папата го критикуваше односот кон мигрантите во САД и побара „човечки“ пристап. Неодамна тој го назначи Евелио Менхивар-Ајала, родум од Ел Салвадор, за епископ на епархијата Вилинг-Чарлстон. Според податоци од епархијата, Менхивар-Ајала некогаш влегол во САД без валидни документи.
Мелони се обидува да посредува
Тензии во последниот период се појавија и меѓу Вашингтон и Рим. Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја оцени критиката на Трамп кон Папата како „неприфатлива“. Американскиот претседател, од своја страна, ѝ се закани на Италија со делумно повлекување на американските војници и ја обвини земјата, партнер во НАТО, за недоволна поддршка во војната против Иран.
Мелони, која е на власт од октомври 2022 година, во минатото се обидуваше да посредува меѓу Трамп и неговите критичари во Европската Унија. Италија, како и други европски партнери во НАТО, одбива да ги поддржи САД во војната против Иран.
Катпрес/к.мк

