Објавена програмата за посетата на папата Лав XIV на Неапол и Помпеја

Објавена програмата за посетата на папата Лав XIV на Неапол и Помпеја

Објавена е програмата за посетата на папата Лав XIV на Неапол и Помпеја на 8 мај 2026 година, на првата годишнина од неговиот избор. Предвидено е Папата да ја предводи светата Литургија на плоштадот Бартоло Лонго во Помпеја, да учествува во традиционалната пладневна молитва кон Дева Марија од Помпеја и да се поклони пред моштите на свети Јануариј во Неапол.

Објавена е програмата за пасторалната посета на папата Лав XIV на Помпеја и Неапол, во петок, 8 мај 2026 година, на првата годишнина од неговиот избор.

Според програмата за Помпеја, Светиот Отец ќе пристигне во 8:50 часот во просторијата за состаноци во Светилиштето на Богородица од Светата Бројаница во Помпеја, каде што ќе биде пречекан од претставници на Црквата и од граѓанските власти.

Кратко потоа, во 8:55 часот, во салата „Луиза Трапани“ ќе се сретне со претставници на „Храмот на милосрдието“, како и со оние што помагаат во добротворните иницијативи на Светилиштето и со лицата на кои им служат неговите различни центри.

Во 9:30 часот Папата ќе помине низ градот со папамобилот, а на плоштадот Бартоло Лонго ќе пристигне во 9:45 часот. Потоа ќе влезе во Светилиштето, каде што ќе има време за поклонение пред Пресветата Тајна и ќе ги поздрави болните, старите лица и лицата со попреченост.

Света Литургија на плоштадот Бартоло Лонго и молитва кон Дева Марија од Помпеја

Во 10:00 часот Светиот Отец ќе му оддаде почит на свети Бартоло Лонго, посетувајќи ја капелата посветена на основачот на Светилиштето, каде што ќе се помоли пред неговите земни останки. Потоа ќе биде пречекан од епископите собрани за таа пригода, додека свештениците од Прелатурата Помпеја и од Светилиштето ќе го пречекаат во Капелата на помирувањето.

Во 10:30 часот папата Лав XIV ќе служи света Литургија на плоштадот Бартоло Лонго.

Се очекува да учествуваат илјадници верници, како на плоштадот, така и на околните улици, каде што ќе бидат поставени големи екрани за следење на настанот.

Напладне ќе се одржи традиционалната молитва кон Богородица од Светата Бројаница од Помпеја.

Потоа Папата ќе руча, пред да замине во 15:00 часот со хеликоптер за Неапол, каде што е предвидено да пристигне во 15:15 часот. Таму ќе го пречека кардиналот Доменико Батаља, надбискуп на Неапол, заедно со претставници на граѓанските власти.

Програмата во Неапол посветена на свети Јануариј

Во Неапол, папата Лав XIV ќе се сретне со свештенството и членовите на посветениот живот од Архиепископијата во катедралата.

Според програмата, во дворот на катедралата ќе се собере голема група деца за да го пречекаат.

Откако ќе влезе внатре, Светиот Отец најпрво приватно ќе се упати кон Кралската капела на Ризницата на свети Јануариј за поклонение пред Пресветата Тајна. Потоа ќе продолжи низ централниот брод до главниот олтар, каде што ќе бидат изложени бистата и реликвијарот со ампулите од крвта на свети Јануариј.

Папата Лав XIV ќе изговори молитва и ќе одржи говор.

Потоа Светиот Отец ќе ја напушти катедралата и ќе се упати кон плоштадот Плебишито, важен централен плоштад во Неапол, каде што се очекува да пристигне во 17:15 часот за да ги поздрави верниците.

Кратко потоа, во 17:20 часот, ќе ја посети базиликата „Сан Франческо ди Паола“, каде што ќе ја поздрави заедницата на Минимите, заедно со неколку граѓански и верски претставници.

Обраќање до градот Неапол на плоштадот Плебишито

Последниот голем настан на денот ќе започне во 17:30 часот, кога папата Лав XIV ќе се сретне со жителите на Неапол на плоштадот Плебишито и ќе се обрати до градот.

На крајот од собирот ќе се одржи чин на доверување на Дева Марија пред почитуваната икона на Безгрешното Зачнување, која ќе биде донесена на плоштадот по повод 200-годишнината од нејзиното крунисување. Потоа папата Лав XIV ќе го даде својот апостолски благослов.

По завршувањето на настанот, папата Лав XIV ќе го напушти плоштадот Плебишито и ќе замине кон Ротонда Дијаз, од каде што во 18:45 часот со хеликоптер ќе се врати во Ватикан

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот