Папата во Алжир: Пустините и морињата треба да станат оази на мирот и на меѓусебното збогатување
На средбата со цивилните власти на Алжир, папата Лав XIV повика општествата да градат оази на мирот, во кои човечкиот живот и достоинството ќе бидат признаени како неприкосновени и никогаш нема да бидат предмет на искористување.
Папата Лав XIV се сретна со претставниците на властите, со граѓанското општество и со дипломатскиот кор во Алжир, на првиот ден од своето тридневно апостолско патување во оваа земја.
По средбата со претседателот Абделмаџид Тебун во претседателската палата, Папата се обрати пред околу 1.400 цивилни претставници во Конференцискиот центар „Џамаа ел Џазаир“.
Тој му се заблагодари на претседателот за поканата да го посети Алжир во првата година од својата Петрова служба, потсетувајќи дека веќе ја посетил Анаба, древниот Хипон, во 2001 и во 2013 година, „како духовен син на Свети Августин“.
Папата Лав истакна дека доаѓа како „ходочесник на мирот“ и нагласи дека „сите сме браќа и сестри, зашто имаме ист Отец на небесата“.
Тој го пофали алжирскиот народ за нивната култура на средба и помирување, како и за духот на солидарност, гостопримство и заедништво.
Папата укажа и на големата великодушност што алжирскиот народ ја покажува преку делата на милосрдие, кои произлегуваат од силното чувство за правда во односот кон богатството.
„Овој поглед на правдата е едноставен и радикален, бидејќи во другиот го препознава ликот Божји“, рече тој. „Навистина, религија без милосрдие и општество без солидарност се соблазна пред Божјите очи.“
Папата Лав XIV ги повика граѓанските водачи на Алжир да го прифатат дијалогот и солидарноста, со цел во светот да се изгради поголема правда.
„Кога го почитувате достоинството на секој човек и кога дозволувате да ве допре болката на другиот, наместо да се продлабочуваат недоразбирањата и судирите, тогаш сигурно можете да станете носители на ново поглавје во историјата“, рече тој.
Папата потсети и на зборовите на своите претходници, папата Бенедикт XVI и папата Фрањо, за потребата процесот на глобализација да се насочи преку „модел на општествено, политичко и економско учество“, за сите луѓе и народи да можат да имаат полза од растот на светската економија.
„Затоа ве повикувам сите вас што носите одговорност во оваа земја да ја прифатите оваа перспектива и да промовирате живо, динамично и слободно граѓанско општество, во кое младите ќе бидат препознаени како способни да го прошират хоризонтот на надежта за сите“, рече Папата.
Тој додаде дека вистинската сила на една нација се гледа во нејзината способност да поттикнува соработка меѓу граѓаните, да им служи на сите и да го промовира нивниот целосен развој.
Папата вети дека Католичката црква ќе продолжи да придонесува за општото добро на Алжир и за зацврстување на неговиот идентитет како мост меѓу народите од различни делови на светот.
Осврнувајќи се на географската положба на Алжир, кој се протега меѓу Средоземното Море и пустината Сахара, Папата истакна дека овие простори претставуваат духовна раскрсница исполнета со „огромни богатства на човештвото“.
„Морето и пустината со милениуми биле места на меѓусебно збогатување меѓу народите и културите“, рече тој. „Тешко нам ако ги претвориме во гробишта во кои умира и надежта.“
Пустините и морињата, додаде тој, носат величествена убавина, а нивната бескрајна широчина му помага на човекот да размислува за она што го надминува видливото и минливото.
„Да ги ослободиме овие огромни простори на историјата и на иднината од злото“, повика Папата. „Да ги умножиме оазите на мирот, да ги осудиме и отстраниме причините за очајот и да им се спротивставиме на оние што профитираат од несреќата на другите.“
Папата Лав ги повика граѓанските водачи на Алжир да ги обединат духовната енергија, разумот и материјалните средства, за копното и морето да станат места на живот, средба и восхит.
Тој посочи и дека алжирското општество денес се соочува со појави на фундаментализам и секуларизација, што создава тензии меѓу религиозната чувствителност и современиот начин на живот.
„Религиозните симболи и зборови понекогаш стануваат богохулен јазик на насилство и угнетување, а понекогаш празни знаци на големиот пазар на потрошувачка, кој не може да го засити човечкото срце“, рече тој.
На крајот, папата Лав XIV ги охрабри граѓанските власти на Алжир да не се обесхрабруваат од „апсурдните поларизации“, туку да им пристапат со мудрост и духовна зрелост.
Поларизацијата, рече тој, е „знак дека живееме во извонредно време на голема обнова, во кое оние што ги чуваат своите срца слободни и својата совест будна, можат да црпат од големите духовни и религиозни традиции нови начини на гледање на светот и цврста животна насока“.
Ватикан њуз/к.мк

