Папата на светата Литургија со посвета на миро: Свештениците треба да го шират Христовиот мир таму каде што владее смртта
На светата Литургија во базиликата „Свети Петар“, папата Лав XIV ги повика свештениците, бискупите и сите христијани со доверба во Бога да ги прифатат своите предизвици и да го „шират Христовиот мир таму каде што владее смрдеата на смртта“.
Папата Лав XIV ја предводеше светата Литургија со посвета на миро на Велики Четврток во базиликата „Свети Петар“, заедно со стотици бискупи и свештеници, кои ги обновија ветувањата што ги дале при своето ракополагање.
Во својата прва проповед на света Литургија со посвета на миро како Римски бискуп, Папата размислуваше за посланието на кое Бог го повикува секој христијанин и рече дека тоа е истото послание што го има и Исус.
„Секој од нас учествува во него според сопствениот повик, во длабоко лично послушание на гласот на Духот, а секогаш со другите, секогаш во заедништво, без да го занемарува или нарушува тоа заедништво!“, рече тој.
Во пресрет на Велигденското тридневие, кое започнува подоцна на Велики Четврток со Господовата вечера, папата Лав рече дека врвот на христијанската литургиска година има сила да ја преобрази човечката гордост, да ги исцели раните, да нè помири и да нè собере во едно.
Потоа Светиот Отец се осврна на три аспекти на христијанското послание: одвојувањето, средбата и можноста од недоразбирање и отфрлање.
Како членови на Христовото Тело, христијаните, а особено ракоположените служители, се испратени во служба на Неговиот народ. Тоа бара да ги оставиме зад себе наврзаностите кон она што ни е познато и сигурно, за да можеме да зачекориме во нешто ново.
„Нема послание без помирување со нашето минато, со даровите и ограничувањата на воспитувањето што сме го примиле“, рече тој. „Воедно, нема мир без тргнување на пат, нема свест без одвојување, нема радост без ризик.“
Во тоа самопредавање, додаде Папата, откриваме една суштинска тајна на посланието: сè што ќе оставиме заради Бога ни се враќа умножено, на начини што не можеме ни да ги замислиме.
Папата Лав XIV потоа зборуваше за „законот на средбата“, кој, според него, низ историјата често бил изобличуван од желбата за надмоќ.
„Денес е особено важно да се потсетиме дека ниту во пасторалната сфера, ниту во општествениот и политичкиот живот, не може да произлезе добро од злоупотребата на моќта“, рече тој.
Тој потсети дека многу големи мисионери сведочеле за „тивки, ненаметливи пристапи“, чиј метод се состои во споделување на животот, несебично служење, откажување од секоја пресметана стратегија, дијалог и почит.
Светиот Дух, рече Папата, го прави Исус присутен кај Неговите свештеници, делувајќи повеќе и подобро отколку што тие самите можат и учејќи ги да Го примат и да Го следат Христа.
„За да се воспостави оваа хармонија со Трансцендентниот“, рече тој, „треба со едноставност да појдеме таму каде што сме испратени, почитувајќи ја тајната што секој човек и секоја заедница ја носат во себе.“
Христијаните, додаде Папата, се гости каде и да се наоѓаат. Во средини каде што секуларизацијата веќе пуштила длабоки корени, потребно е повторно да учиме како на делотворен начин да го соопштуваме Евангелието на Исус.
Папата Лав потоа се осврна и на можноста христијанинот да биде недоразбран или отфрлен, што, според него, е најрадикалниот елемент на христијанското послание.
Прифаќањето на крстот е суштински дел од посланието и има сила да донесе вистинска преобразба и на општеството и на самите нас.
„Империјалистичката окупација на светот е нарудшена одвнатре; насилството што досега важеше како закон се разобличува“, рече тој. „Сиромашниот, затворениот, отфрлениот Месија слегува во темнината на смртта, а токму така на виделина донесува ново создание.“
Дури и кога доживуваме неуспех или се соочуваме со сопствените слабости, треба да научиме да имаме доверба дека Божјата благодат ќе ни помогне да се соочиме со непредвидливите околности, како што тоа го правеле светиите пред нас.
На крајот, папата Лав XIV ги повика христијаните да го надминат секое чувство на немоќ или страв, додека ја навестуваат Христовата смрт и воскресение.
„Во овој мрачен час на историјата“, рече тој, „Му беше угодно на Бога да нè испрати да го шириме Христовиот мир таму каде што владее смрдеата на смртта. Да го обновиме нашето ‘да’ на ова послание, кое повикува на единство и донесува мир.“
Ватикан њуз/к.мк

