Папскиот проповедник: Мирот се раѓа од храброста да се стане мал

Папскиот проповедник: Мирот се раѓа од храброста да се стане мал

На 6 март 2026 година Папскиот проповедник, отец Роберто Пазолини, ја одржа првата проповед во текот на Великиот пост во салата „Павле VI“, во присуство на папата Лав XIV. Темата беше преобраќањето и подражавањето на Христос по патот на понизноста, во светлина на животот на свети Фрањо.

Проповедникот на Папскиот дом истакна дека преобраќањето на свети Фрањо бил слободен одговор на Божјата иницијатива, која го преобразила целото негово битие и го поставила на патот да се врати на понизноста.

Понизноста ја обновува вистинската величина

„Понизноста е патот по кој секој крстен човек мора да оди ако сака целосно да ја прими благодатта на животот во Христос“, рече капуцинот, нагласувајќи дека понизноста  „не го прави човекот посиромашен, туку го обновува; не го прави помал, туку ја обновува неговата вистинска величина“.

Светлина што свети во темнината

Отец Пазолини посочи дека понизноста е исклучително потребна во современиот свет. „Често мислиме дека евангелската маленкост е возможна само кога сè оди добро. Всушност е спротивно: токму во конфликтите и тешкотиите таа станува најнеопходна. Кога инстинктот нè поттикнува да се браниме или да доминираме, тогаш се гледа дали навистина сме го научиле Евангелието на Крстот. Светлината ја покажува својата сила не кога сè е јасно, туку кога владее темнина“, додаде проповедникот.

Мирот го носат луѓе што умеат да станат мали

„Во денови повторно обележани со болка и насилство, да се зборува за маленкоста изгледа како апстрактна тема, речиси духовен луксуз. Но е конкретна одговорност поврзана со судбината на светот. Мирот не се раѓа само од политички договори, ниту од стратешки или воени пресметки, туку од луѓе кои во себе наоѓаат храброст да станат мали: кои умеат да се повлечат, да го отфрлат насилството во сите негови облици, да не потклекнат на искушението за одмазда и доминација, и да изберат дијалог дури и кога околностите изгледаат дека го исклучуваат“, рече отец Пазолини.

Враќање на понизноста

Проповедникот на Папскиот дом нагласи дека понизноста е тешка, секојдневна работа, но дека „не можеме да ја одложиме или да ја префрлиме на други“. „Секој што се смета себеси за Божјо дете знае дека ова преобраќање на срцето го засега лично“, заклучи фратарот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот