Папата Лав се сретна со членовите на „Проектот Поликоро“ на Италијанската бискупска конференција, кој им помага на младите во земјата да најдат работа.
„Млади, вие сте убавото лице на Италија која не се откажува, која не се помирува со пораз, која ги засукува ракавите и повторно се исправа на нозе.“
Тоа беа зборовите со кои папата Лав XIV во сабота 21 февруари 2026 година им оддаде признание на членовите на Проектот Поликоро, основан во декември 1995 година од отец Марио Оперти, италијански свештеник ангажиран во пасторалната работа со млади.
Уште од самиот почеток, иницијативата настојуваше да го евангелизира светот на трудот, најнапред во јужна Италија, а потоа и во целата земја.
Роден во Меџоџорно, односно на југот на земјата, економски запоставен регион оптоварен со организиран криминал, проектот со текот на времето се прошири. Папата ја пофали неговата борба против корупцијата, експлоатацијата на трудот и неправдата, и ја истакна преобразбата на имотот конфискуван од мафијата во општествени иницијативи и поддршка за млади кои започнуваат сопствени бизниси.
Ширење ентузијазам
Денес, рече Папата, „и понатаму ни е потребна вашата посветеност, особено во ова време на демографска зима, на иселување од најкревките подрачја на земјата, каде што младите ризикуваат да се обесхрабрат и да се повлечат во себе.“
Папата Лав додаде дека „секогаш е време да го ширите својот ентузијазам и чувствителност, дури и во најотпорните средини и меѓу најобесхрабрените луѓе.“
За да ја оствари својата мисија, Проектот Поликоро може да се потпре на еден „компас“: Евангелието, кое ја носи „вистинската сила што ги преобразува срцата и светот“, и социјалното учење на Црквата, чие проучување „ни помага да го љубиме ова време“ и „ни дава алатки за толкување на реалноста.“
Папата ги предупреди членовите на проектот да не бидат „опиени од пророците на пропаст кои сè гледаат негативно“, но и да не бидат толку наивни да мислат дека сè е во ред.
За да се гради општество согласно Божјиот план за човештвото, рече тој, важно е да не се изгуби од вид средишното место на човечката личност, општото добро, солидарноста, супсидијарноста, универзалната намена на добрата, учеството, интегралната екологија и мирот.
Заедницата на прво место
Третиот ресурс што го посочи Папата е заедницата, „како инкубатор на иднината“. Додека денешната култура промовира изолација, конкуренција и мит за осамениот гениј во економијата, работата, политиката и комуникациите, овие области, всушност, зависат од „стручњаци за општествени односи“.
„Кога заедничкиот живот расте, во општеството како и во Црквата, ги создаваме условите животот да процвета“, рече папата Лав. „Ќе бидете плодни секогаш кога ќе се грижите за мрежите на заедништвото. Разумноста, талентот, знаењето, општествената организација и трудољубивоста се развиваат благодарение на добрите односи.“
Оние што се вклучени во проектот, додаде тој, можат да се потпрат и на „духовни татковци и мајки“, на светци и сведоци чие општествено залагање низ вековите донело граѓанско и добротворно обновување. Папата Лав ги охрабри присутните да се запознаат со нивните животи и да ги споделуваат нивните приказни, затоа што постои „река на светост што ги направила нашите заедници плодни.“
Ватикан њуз/к.мк

