Папата Лав XIV: Да се воспитува за почит кон животот и за спречување на злоупотребата

Папата Лав XIV: Да се воспитува за почит кон животот и за спречување на злоупотребата

Во говорот пред учесниците на пленарното заседание на Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, папата Лав XIV истакна дека пренесувањето на евангелските вредности не е само пренесување на доктрина, туку споделување живот, и тоа со „безусловна посветеност“. Тој ги поттикна да ги придружуваат и да ги поддржуваат жртвите на сите облици злоупотреба.

Христијанската формација како дело на синергија и заедништво, под знакот на „раѓање“ за верата, истакна папата Лав XIV во говорот упатен до учесниците на третото пленарно заседание на Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, кои во петок, на 6 февруари 2026 година, ги прими на аудиенција во Апостолската палата во Ватикан. На заседанието, кое започна на 4 февруари во Исусовската генерална курија во Рим, се разговараше на тема „Додека Христос не се обликува во вас“, преземена од Посланието на свети Павле до Галатјаните. На оваа тема се надоврза папата Лав, за да ги истакне особеностите на вештината која, како што рече, треба да биде сместена во динамика што, дури и преку болка, го води ученикот до животно соединување со самата личност на Спасителот.

Не само пренесување доктрина, туку дарување живот

Папата забележа дека во Црквата понекогаш ликот на воспитувачот како педагог што пренесува упатства преовладувал над ликот на „татко“, и додаде:

„Сепак, нашата мисија е многу повозвишена. Затоа не можеме да застанеме на пренесување доктрина, правила и етика, туку сме повикани да го споделуваме она што го живееме, и тоа великодушно, со искрена љубов кон душите, со подготвеност да трпиме за другите и со безусловна посветеност, како родители кои се жртвуваат за доброто на своите деца.“

Димензијата на заедништвото

Цитирајќи го Апостолскиот поттик Evangelii Gaudium, Светиот Отец ја истакна заедничката димензија на формацијата:

„Верата не ја раѓа сам свештеникот, ниту катехистот, ниту харизматичниот водач, туку Црквата, обединета, жива Црква составена од семејства, млади, самци, посветени лица, оживеана од љубовта и затоа желна да биде плодна, да им ја пренесе на сите, а особено на новите поколенија, радоста и полнотата на смислата што ја живее и ја доживува.“

Да се спречат сите облици злоупотреба на малолетници и ранливи лица

Денешниот папски говор содржи насоки за тоа како да се оствари обврската за формација во Црквата, земајќи предвид дека тоа е вештина што не може да се импровизира и бара трпение, слушање, придружување и проверка. Патот по кој треба да се оди е патот на синаповото зрно, со доверба дека и најмалото зрно може да донесе плод, како што го искусиле некои светци кои Папата ги нарекува „џинови на духот“: свети Игнациј Лојолски, свети Филип Нери, свети Јосиф Каласанциски, свети Гашпар дел Буфало, свети Иван Леонарди.

Освен тоа, папата Лав XIV го спомена и трактатот на свети Августин „Поучување на неупатените“ (De catechizandis rudibus), кој може да биде извор на вдахновение, и изрази надеж дека ќе се поддржат доследни, привлечни и лични животни патеки што водат кон крштевање и Светите тајни, или кон нивно повторно откривање. Тој додаде дека треба да им се помогне на оние што го започнуваат патот на верата да созреат и да го сочуваат новиот начин на живот што ги опфаќа сите подрачја на живеењето, и приватно и јавно, како што се работата, односите и секојдневното однесување. Притоа, особено истакна:

„Во нашите заедници треба да се негуваат формациски аспекти насочени кон почитување на човечкиот живот во сите негови фази, особено оние што придонесуваат за спречување на сите облици злоупотреба на малолетници и ранливи лица, како и за придружување и поддржување на жртвите.“

Ватиан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот