Богојавление во Струмица: Архиерејска Литургија и водосвет со епископот Стојанов и Апостолскиот нунциј Суриани

Богојавление во Струмица: Архиерејска Литургија и водосвет со епископот Стојанов и Апостолскиот нунциј Суриани

На празникот Богојавление – Водици, понеделник 19 јануари 2026 година, во црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, Н.В.П. Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во заедништво со Апостолскиот нунциј во Македонија, Н.В.П. монсињор Лучано Суриани, служеше света архиерејска Литургија со богојавленски водосвет. На светата Литургија солсужуваа деканот на деканатот Свети Кирил и Методиј протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот протојереј отец Гоце Костов, првиот секретар на Апостолската нунцијатура монсињор Кристофер Зајлер, капеланот отец Трајче Ташев и парохот во Штип отец Тони Ангелов.

За време на светата Литургија пригодно слово упати епископот Стојанов, кој најпрво го поздрави Апостолскиот нунциј Суриани со неговиот придружник, првиот секретар во нунцијатурата монсињор Зајлер. Потоа ја истакна древната важност на празникот Богојавление како првично единствен празник што по Велигден бил најзначаен во раното христијанство, бидејќи во себе ја содржи „објавата“ на Бога во Исус Христос. Потсетувајќи на евангелскиот настан на Христовото крштение во Јордан, тој нагласи дека Исус, стоејќи во редот меѓу грешниците, покажува дека влегува во човечкиот живот и не се оддалечува од човековата слабост, туку доаѓа за спасение.

Епископот подвлече дека крштението е таинство на очистување и преродување, во кое човекот се раѓа за нов живот во Христос и во него останува неизбришлив духовен белег на припадност кон Спасителот. Осврнувајќи се на објавата на Пресвета Троица при крштението, епископот посочи дека христијанската вера е конкретен однос со личниот Бог: Отецот, Синот и Светиот Дух, каде што човечкото „јас“ се среќава со Божјото „Јас“.

Осврнувајќи се на посланието на апостол Павле до Тит, епископот Стојанов ја протолкува благодатта спасителна за сите луѓе, учејќи да ги отфрлиме, нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век, да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос.

Славејќи го Богојавление, рече епископот Стојанов, благодарно да повикаме до отвореното Небо, слушајќи го гласот на небесниот Отец: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е сета моја милина!“ за да се препознаеме како возљубени Божји деца, обновени во своето крштение и повикани да сведочиме со животот, рече монсињор Стојанов. Завршувајќи, тој повика преку Светиот Дух да го обновиме сопственото крштение и на тој начин и ние да бидеме заедница на возљубени деца Божји.

Кон крајот на светата архиерејска Литургија епископот Стојанов во заедништво со Апостолскиот нунциј во Македонија Н.В.П. Лучано Суријани го извршија богојавленскиот водосвет.

На крајот на присутните им се обрати Апостолскиот нунциј во Македонија, архиепископот Суриани, истакнувајќи ја богата литургиска симболика на денешниот празник, охрабрувајќи ги присутните верници на живот со Христос за да можеме да се наречеме Божји деца.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот