Генерална аудиенција: Вториот ватикански собор нè повикува на пријателство со Христос

Генерална аудиенција: Вториот ватикански собор нè повикува на пријателство со Христос

За време на Генералната аудиенција, папата Лав XIV ја продолжи серијата катехези за Вториот ватикански собор, подетално разгледувајќи го „еден од најубавите и најважните документи од Соборот“, имено догматската конституција „Dei Verbum“, за Божественото Откровение.

„Не ве нарекувам повеќе слуги, зашто слугата не знае што прави неговиот господар; туку ве нареков пријатели.“

Папата Лав XIV потсети на зборовите на Исус во евангелскиот пасус според Свети Иван за време на Генералната аудиенција во среда на 14 јануари 2026 година, продолжувајќи ја новата серија катехези, која е посветена на Вториот ватикански собор и повторното читање на неговите документи.

Фокусирајќи се на догматската конституција „Dei Verbum“, за Божественото Откровение, Папата го нарече еден од најубавите и најважните документи на Соборот.

Светиот Отец истакна дека текстот потсетува на Исусовиот повик да бидеме Негови пријатели.

„Ова е фундаментална точка на христијанската вера, на која нè потсетува Dei Verbum: Исус Христос радикално го преобразува односот на човекот со Бога, кој отсега е однос на пријателство. Затоа, единствениот услов на новиот завет е љубовта.“

Бог нè прави синови и ќерки

Тој призна дека не сме еднакви со Бога, а односот меѓу Бога и човештвото секогаш останува асиметричен, бидејќи ние сме само созданија на Создателот.

И покрај ова, рече Светиот Отец, со доаѓањето на Синот во човечко тело, Божјиот Завет се отвора кон Неговата конечна цел.

„Во Исус“, рече тој, „Бог нè прави синови и ќерки и нè повикува да станеме како Него, и покрај нашата кревка човечност.“

Имајќи го ова предвид, папата Лав потсети на нашата потреба да слушаме, „за да може Божјото Слово да ги проникне нашите умови и нашите срца“, а исто така и „да разговараме со Бога“, „не за да Му го соопштиме она што Тој веќе го знае, туку да се откриеме себеси“.

Мора секој ден да одвојуваме време за молитва

Затоа, објасни тој, молитвата е многу важна за нас за да живееме и да негуваме пријателство со Господ. Тоа го правиме пред сè, рече тој, во литургиската и заедничката молитва, „во која не одлучуваме што да чуеме од Божјото Слово, туку самиот Тој ни зборува преку Црквата“.

Оваа литургиска молитва, продолжи тој, се „постигнува во лична молитва, која се одвива во внатрешноста на срцето и умот“.

Поради овие причини, Светиот Отец инсистираше, „времето посветено на молитва, медитација и размислување не може да недостасува во текот на денот и неделата на христијанинот“.

На крајот, папата Лав XIV истакна дека од искуство знаеме како пријателствата лесно завршуваат преку „раскинување“ или занемарување.

„Исус нè повикува да бидеме пријатели“, рече тој. „Да не го оставиме овој повик незабележан.“ Со прифаќање и грижа за овој однос, Светиот Отец рече, „ќе откриеме дека пријателството со Бога е нашето спасение.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот