Папа Лав XIV: Владетелите нека не го претвораат богатството во оружје што ги уништува народите

На светата Литургија која ја отслужи во недела, 21 септември 2025 година, во парохијата „Света Ана“ во Ватикан, папата Лав XIV нагласи дека парите не смеат да се користат против човекот, туку треба да се преобразуваат во општо добро. Тој охрабри на истрајност во надежта, во време тешко погодено од војни и обележано со страдањето на цели народи, кои денес се угнетувани не само од насилство, туку многу повеќе од рамнодушноста на светот. На Литургијата присуствуваше и августинецот отец Џоеле Скијавела, поранешен парохиски свештеник на „Света Ана“, кој неодамна наполни 103 години.
Сведоштво за љубов и мир
Во проповедта, Папата ги повика сите да не бидат пасивни во време на војна, туку да сведочат за љубовта и мирот, да навестуваат со збор и дело дека Исус Христос е Спасителот на светот и Оној што нè ослободува од секое зло. Славењето на Литургијата беше интимно и семејно, збогатено со присуството на отец Скијавела, кому Папата на почетокот од проповедта му изрази благодарност за неговото долгогодишно служење.
Бог или богатството?
Коментрајќи евангелски пасус од Лука, Папата истакна дека Исус поставува јасен избор – помеѓу Бог и богатството. Тој предупреди дека животот не смее да биде воден од самодоволство и доминација, туку од стремеж за општото добро. „Ова не е случаен избор,“ рече Папата, „туку определба каде го поставуваме своето срце, кого љубиме и кому служиме.“
Богатството не спасува
Папата предупреди дека жедта за богатство може да го истисне Бога од нашите животи. „Парите не спасуваат,“ нагласи тој, „туку Отецот кој се грижи за сиромашните и ги поддржува оние што бараат помош.“ Искушението е во мислата дека без Бога можеме да живееме добро, а без пари би биле сиромашни и несреќни. Таквото размислување, рече тој, создава недоверба, конкуренција и експлоатација на ближниот.
Повик до водачите на народите
„Да се дава, а не да се краде; да се гради подобро општество, а не да се бараат зделки по најниска цена,“ рече Папата, упатувајќи повик за нови приоритети. Црквата, додаде тој, денес особено моли водачите на народите да бидат ослободени од искушението да го претворат богатството во оружје и монополи што понижуваат и уништуваат. „Оној што му служи на Бога се ослободува од богатството, а оној што му служи на богатството останува негов роб,“ истакна Папата.
Истрајност во надежта
Потсетувајќи на свети Августин, кој повикувал на Христос и отфрлање на приврзаноста кон материјалното, Папата заврши со охрабрување: „Ве повикувам да истраете во надежта, дури и во овие времиња погодени од војна. Цели народи денес страдаат од насилство и од рамнодушност што ги турка во беда. Но ние сме повикани со збор и со дело да сведочиме дека Христос е Спасителот кој нè ослободува од секое зло.“
Ватикан њуз/к.мк