Папата Лав XIV на 1 септември ќе го отвори Генералното собрание на Редот на Свети Августин

Папата во понеделник, во 18:00 часот, во базиликата Свети Августин во Кампо Марцио, во Рим ќе ја предводи светата Литургија, со која ќе ј отвори работата за избор на новиот Генерал на оваа монашка заедница. На овој значаен настан ќе присуствуваат околу стотина монаси, а ќе трае до 18 септември. Седумдесет и три делегати од 46 различни земји и 41 провинција на Редот ќе имаат право на глас.
Папата Лав XIV ќе го отвори 188-то Генерално собрание на Редот на Свети Августин во понеделник, на 1 септември. Истиот ден, на годишнината од неговото влегување во новицијатот во 1977 година, Светиот Отец ќе служи света Литургија во 18:00 часот, во базиликата Свети Августин во Кампо Марцио во Рим. Со тоа ќе започне работата за избор на нов Генерал на споменатото монашко семејство, која ќе трае до 18 септември, во Папскиот патристички институт „Августинјанум“.
Генералното собрание на августинците во бројки
На овој важен настан, кој се одржува на секои шест години, ќе учествуваат околу стотина монаси. Седумдесет и три августински делегати од 46 различни земји и 41 провинција на Редот ќе имаат право на глас. Тие ќе ги претставуваат 2.341 августинец, кои во моментов живеат во своите 395 манастири на пет континенти — според податоците од Централната канцеларија за црковна статистика на Светиот Престол од 31 декември 2024 година — и се повикани да го изберат новиот 98-ми Генерален приор на Редот, по 12-годишната служба на отец Алехандро Морал, кој го заврши својот втор мандат. За време на Генералното собрание, планирани се сесии со презентации од претседателите на федерациите на августинските монашки семејства и мирјански августински заедници, кои немаат право на глас.
Света Литургија предводена од папата Фрањо во 2013 година
Пред дванаесет години, папата Фрањо го отвори, во истата римска базилика, Генералното собрание со која заврши вториот мандат на Роберт Превост. Тогашниот Генерален приор, денес 266-ти наследник на апостол Петар, заедно со својот совет, одлучи да го повика тогаш новоизбраниот Папа да ја предводи светата Литургија за отворањето на Генералното собрание на 28 август 2013 година. На негово големо изненадување, папата Фрањо ја прифати поканата и во својата проповед нагласи дека токму немирот на срцето води кон Бога и кон љубовта, додавајќи дека Свети Августин повикува да се одржи жив немирот на духовната потрага, немирот на средбата со Бога, немирот на љубовта. Во таа прилика, аргентинскиот Папа објасни дека богатството на Августин се наоѓа токму во ставот на постојано одење кон Бога и кон стадото, опишувајќи го светецот како човек кој секогаш оди во овие два правци, кој секогаш е во движење и чие срце е секогаш немирно — и во тоа лежи мирот во немирот. Тој исто така повика љубовта да се живее во полнота, а својата проповед ја заврши нагласувајќи дека немирот е љубов, постојано и неуморно барање на доброто на другиот човек.
Ватикан њуз/к.мк