Со свечена архиерејска Литургија, во четврток 28 август 2025 година беше одбележан патрониот празник на катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. Евхаристиското славење го предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, во сослужение со свештеници од епархијата и Скопската бискупија. На Литургијата присуствуваа бројни верници, сестри Евхаристинки на чело со Генералната сестра Јоана и провинцијалната сестра Берардина, како и верници од други парохии.
Во својата проповед, владиката Стојанов ја истакна важноста на празникот Успение на Пресвета Богородица, кој, како што рече, претставува потсетник за величието, скромноста и понизноста на Марија. „Таа, како мала и безначајна слугинка на Господ, со својата верност заслужи небесна слава каква што ниедно друго човечко суштество не добило“, нагласи епископот.
Владиката се осврна и на јубилејот 100 години од основањето на парохијата „Успение на Пресвета Богородица“, потсетувајќи дека првата парохија во Струмица била основана во 1925 година од благопокојниот епископ д-р Дионизије Њаради, при што истакна дека од пред 12 години постои и втора парохиска заедница во Струмица, парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“. За да може подобро да се разбере важноста на овој настан се осврна на почетоците на Црквата и воспоставувањето на Црквата како заедница.
Eпископот Стојанов потсети на историските корени на заедницата и нејзината верност кон Христовото Евангелие и Апостолскиот Престол. По прогонствата за време на Втората балканска војна во 1913 година, заедницата од Кукушката унија го пронашла својот дом на овие простори, останувајќи цврсто приврзана за Христовата наука и единството со Светиот Отец. Тој истакна дека основањето на парохиската заедница е повеќе од градење на храм, тоа е создавање жива заедница. „Црквата како зграда е само знак дека постои народ кој се собира за средба со Бог. Живата заедница е вистинската Црква“, потсетувајќи на зборовите на покојниот папа Фрањо дека „затворена црква е музеј“.
Епископот потсети на апостолските корени на македонската Црква, истакнувајќи дека апостол Павле е првиот кој ја донел евангелската порака на овие простори. „Благодарни сме на нашите предци кои ја сочувале верата и ја пренеле како живо наследство“, рече Стојанов. Обраќајќи се до верниците ги повика да останат верни на верата и наследството на своите предци.
„Секој од нас е повикан да биде светлина на светот и сол на земјата,“ порача Стојанов, нагласувајќи дека христијанинот треба да се препознае не по зборовите, туку по својот живот, делата и сведоштвото.
Тој потсети на жртвите и напорите на претходните генерации, охрабрувајќи ги верниците да го чуваат својот духовен и културен идентитет. „Да се запрашаме – дали струмичани во нас препознаваат живо Божјо слово? Дали сме извршители или само слушатели на Евангелието? Нашата сила не е во знаење, моќ или углед, туку во Светата Причест, во живиот Христос кој ни се дарува секоја недела,“ истакна епископот.
Тој ги повика верниците да останат цврсти и во современите предизвици, кога, како што рече, светот станува сè помалку христијански: „Исус е Добриот Пастир кој го чува своето стадо. Не треба да се плашиме да бидеме Негови.“
На крајот, ја нагласи важноста на благодарноста кон пастирите, градителите на парохијата и храмот, истакнувајќи дека верниците се повикани да бидат достојни наследници и чувари на ова духовно и културно богатство за идните генерации.
По завршувањето на светата Литургија, во дворот на катедралата владиката Стојанов го благослови агапето, а потоа следуваше братско дружење и разговор со верниците.
За време на светата Литургија пееше катедралата хор.
к.мк