Папата Лав XIV потврдува дека „во нашиот свет, кој носи длабоки лузни од конфликти, нееднаквост, деградација на животната средина и растечко чувство на духовна неповрзаност“, особено е важно христијаните да продолжат да работат и да се молат заедно. Ова го истакна во својата порака, поздравувајќи ги учесниците на Екуменската недела 2025 во Стокхолм, Шведска.
„Нека Светиот Дух, кој го вдахнови Никејскиот собор и кој продолжува да нè води сите нас, го продлабочи вашето заедништво оваа недела и разбуди свежа надеж за единство кое Господ толку ревносно го посакува меѓу Неговите следбеници.“
Папата Лав XIV го истакна ова во пораката што ја испрати до учесниците на Екуменската недела 2025 година во Стокхолм, која се одржува од 18 до 24 август во шведската престолнина.
Верата што продолжува да ги поврзува христијаните
Папата потсети дека Неделата го одбележува стогодишниот јубилеј од Универзалната христијанска конференција за живот и работа од 1925 година, како и 1700-годишнината од Првиот Вселенски собор во Никеја, кога во 325 година епископи од целиот познат свет се собраа во Никеја.
Потврдувајќи ја божественоста на Исус Христос, потсети Светиот Отец, го формулираа символот на верата, во кој се истакнува дека Тој е „вистински Бог од вистинскиот Бог“ и „едносуштен“ (homoousios) со Отецот.
Така, рече Папата Лав, „тие ја дефинираа верата што продолжува да ги поврзува христијаните“.
Ран сведок на заедништво
„Тој Собор,“ продолжи Папата Лав, „стоеше како храбар знак на единство меѓу разликите – ран сведок на убедувањето дека нашето заедничко исповедање може да ја надмине поделбата и да го поттикне заедништвото.“
Папата забележа дека слична желба ја поттикнала и Конференцијата во Стокхолм во 1925 година, свикана од пионерот на раното екуменско движење, надбискупот Натан Седерблом, тогашен лутерански надбискуп на Упсала.
„Иако Католичката Црква не беше претставена на тој прв собир,“ рече Папата, „можам да потврдам, со понизност и радост, дека денес стоиме со вас како соученици на Христос, препознавајќи дека она што нè обединува е многу поголемо од она што нè разделува.“
Католичката Црква од срце го прифати екуменскиот пат
„Од Вториот Ватикански собор,“ рече Светиот Отец, „Католичката Црква од срце го прифати екуменскиот пат“, истакнувајќи дека Unitatis Redintegratio, декретот на Соборот во врска со екуменизмот, „нè повикува на братски дијалог со понизност и љубов, засновано на нашето заедничко крштевање и нашето заедничко послание во светот“.
„Веруваме дека единството што Христос го посакува за Неговата Црква мора да биде видливо,“ рече тој, „и дека таквото единство расте преку теолошки дијалог, заедничко богослужение каде што е можно и заедничко сведоштво каде страда човештвото.“
Мирот е знак на Господовото присуство со нас
Папата рече дека овој повик за заедничко сведоштво наоѓа силен израз во темата избрана за оваа Екуменска недела:
„Време е за Божји мир.“
Папата Лав нагласи дека оваа порака е многу актуелна, бидејќи „нашиот свет носи длабоки лузни од конфликти, нееднаквост, деградација на животната средина и растечко чувство на духовна неповрзаност“.
Сепак, и покрај овие предизвици, тој увери дека „се сеќаваме дека мирот е знак на Господовото присуство со нас“.
Ветување и задача
Ова, рече Папата, е и ветување и задача, „зашто Христовите следбеници се повикани да станат учители на помирувањето: да се соочат со поделбите со храброст, на рамнодушноста со сочувство и да донесат исцеление таму каде што има рани“.
Со ова чувство и пред да заврши со молитва, Папата Лав XIV призна дека оваа мисија станала посилна преку неодамнешните екуменски пресвртници и ја повтори посветеноста на Католичката Црква да го продолжи по патот на молитва и заедничка работа.
Ватикан њуз/к.мк