Документот беше претставен во среда 2 јули 2025 година во Прес-центарот на Светиот Престол. Станува збор за текст кој ги става младите во центарот на вниманието, обидувајќи се да даде одговори на причините за демографската криза на континентот што сѐ повеќе старее.
„Бараме од Црквата да ни верува. Дозволете ни да служиме и да растеме“ – ова е сржта на пораката во Манифестот на младите христијани од Европа, претставен во Прес-центарот на Светиот Престол. Овој смел документ, во време на се подлабока демографска, општествена и духовна криза на европскиот континент, го става младиот човек во центарот, нудејќи му простор за изразување и дејствување. Поддржан од бројни бискупски конференции, епархии, парохии и црковни движења, документот ги повикува младите да го започнат својот пат на верата – едноставен, но силен израз на надеж.
Потекло на Манифестот
Веднаш се чувствува жарот на младите, учесници во иницијативата „Рим 2025 – Сантјаго 2027 – Ерусалим 2033“, која започна како пасторален проект под покровителство на Шпанската бискупска конференција и Дикастеријата за евангелизација. Младите велат: „Ние не сме духовни туристи. Ние сме ходочесници на смислата. Доаѓаме со ранци полни со сомнежи, рани, песни и надеж. Но и со една сигурност: Христос е жив и нѐ повикува.“
Официјалната проглас на Манифестот ќе се одржи на 1 август 2025 година, во базиликата Света Марија во Трастевере, во рамки на Јубилејот на младите. Бискупот од Паленсија, монс. Микел Гарсиандија Гоњи, сведочеше дека иницијативата била започната во Монт Сен Мишел, а потоа развиена со европска перспектива: „Не завршува во Рим – туку започнува од Рим“, ќе продолжи во Сантјаго, па во Ерусалим. Според отец Антонио Амирати од Советот на европските бискупски конференции, ова е продолжение на работата на Црквата од Вториот Ватикански собор до денес – и конкретно одговор на повикот на папата Фрањо: „Да ја соблечеме облеката на туристи и да ја облечеме на ходочесниците.“
Да се појде на пат – денес
Овој повик одекнува и во зборовите на монс. Грацијано Боргоново од Дикастеријата за евангелизација, кој потсетува дека уште Данте ги разликувал ходочесниците според нивната дисинација: „палмиери“ – оние кои одат во странство „ходочесници“ – кои одат во Галисија и „ромеи“ – во Рим.
„Да се следи Христос не значи да се остане на место“, рече тој, „туку да се остават удобноста, цинизмот, рамнодушноста. Да се тргне на пат.“ Во тој дух, младите во Манифестот зборуваат за иднина што не завршува тука, туку се исполнува во вечниот живот ветен од Отецот, придобиен од Синот, и запечатен од Духот Свети.
Монс. Марко Њави, парох на базиликата Света Марија во Трастевере, додаде: „Младите денес живеат во болен контекст на постојани промени. Ходочестието не нуди лесни одговори, но ја повикува Црквата да слуша. Треба да се прашаме што значи ‘ние’ во Црквата – во време на индивидуализам и егоизам.“ Имено, младите не бегаат од овие егзистенцијални прашања – туку бараат простор каде што можат да служат, да бидат слушнати и да растат.
Улогата на Црквата за младите денес
Овие молитвени и понизни повици беа прифатени со наклонетост од монс. Франциско Прието Фернандез, надбискуп на Сантјаго де Компостела, и од кардинал Пицабала, Латинскиот патријарх од Ерусалим, кој изрази надеж дека ова ходочестие ќе донесе обновен мир:
„Од Јордан до Кипар, од Палестина до Израел – патот што го трасираат младите може да стане мал камен во мозаикот на еден помирен свет.“
Надбискупот Паоло Џулиети од Лука изјави дека Манифестот треба да ги врати „корените на верата“ во секој чекор и патување. На крајот, младиот Фернандо Москардо Вегас потсети дека овој текст е роден „од рана и жед за смисла“ – но и како чин на вера и надеж.
„Ние не дојдовме да правиме политика – заврши тој – туку да го навестиме Евангелието, да подигнеме духовно и мисионерско знаме. Знаме кое Европа денес го бара сѐ повеќе.“
Ватикан њуз/к.мк