Скопје: Прославен Денот на лицата посветени на Бога

Скопје: Прославен Денот на лицата посветени на Бога

Во сабота 1 февруари 2025 година во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје по повод Денот на лицата посветени на Бога се одржа духовна обнова, а во рамки на Јубилејната година. На средбата присуствуваа свештеници од Скопска бискупија и Струмичко-скопската епархија, како и членови на сите монашки заедници и црковни движења во Македонија.

Средбата ја отвори Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, кој ги поздрави присутните и ги воведе во средбата, истакнувајќи ја важноста на заедништвото и на оваа средба, посебно во Јубилејната година.

Духовно предавање одржа протојереј ставрофор д-р отец Зоран И. Стојанов, кој ја истакна поврзаноста на празникот Прикажувањето на Исус во храмот со Денот на лицата посветени на Бога, земајќи ги за пример Симеон и Ана. Во продолжение ја објасни големината на духовниот повик и додаде: „Како што Симеон го држеше Исус во раце, така и свештеникот го држи Исус во своите раце за време на светата Евхаристија.“

По кратката пауза следуваше Обожавање на светата Причест, кое го предводеше протојереј отец Гоце Костов, а на крајот благословот со Пресветата Олтарска Тајна го подели патер Винко Маслаќ. За време на обожавањето присутните имаа можност за света Исповед.

Светата Литургија ја предводеше епископот Стојанов, кој одржа пригодна проповед во која објасни што конкретно се подразбира под ходочестие, а се осврна и на светото Евангелие во кое истакна дека сведочењето со животот, служењето и благодарњето на Бога од страна на Симеон и Ана всушност се пример за посланието на лицата посветени на Бога, од каде треба да црпат вдахновение за сопствениот повик и служење на Бога, ближниот и Црквата. Присутните ги повика да се потсетат на сопствениот повик и како тој се оформувал со помош на Мајката Црква.

Средбата заврши во парохиската сала со агапе и заедништво.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот