Папата до монахињите: Разговарајте со сите, препознавајќи ја сечија уникатноста

Папата до монахињите: Разговарајте со сите, препознавајќи ја сечија уникатноста

Примајќи ги во аудиенција учесниците на XV. Генералното собрание на Унијата на училишни мисионерки на Света Катерина Сиена, папата Фрањо размислуваше за три концепти: светост, подготовка и одговорност. Тој посочи дека е важно да се допре до младите, избегнувајќи дистанцирано однесување и секоја средба да ја живееме признавајќи го другиот. Уште еднаш предупреди на озборувањето, кое, како што рече, е отровно

Во сабота, 4 јануари, папата Фрањо во аудиенција ги прими сестрите доминиканки кои учествуваат на XV. изборно собрание на Унијата на училишни мисионерки на Света Катерина Сиена. Во својот говор Папата најпрво го изрази своето задоволство до членовите на доминиканското женско собрание што се среќава со нив по повод Генералното собрание и 100-годишнината од основањето на нивната унија, нагласувајќи дека тие избрале предизвикувачка тема за нивната средби, која гласи: „Разбирање на сегашноста со цел заедно да ја разбереме иднината на Унијата која оди со Црквата“. Светиот Отец им порача на сестрите дека таквото разбирање на сегашноста – во движење, не стоење – е во согласност со наследството што им го остави преподобната Божја слугинка Луиџа Тинкани – преку промоција на христијанскиот хуманизам да дадат креативни одговори на прашањата на нашето време, особено меѓу оние кои се рамнодушни кон верата и кои се далеку од неа.

Папата рече дека нивната основателка предложила три става, за кои зборуваше и свети Иван Павле II, дека треба да се биде љубезен и полн со љубов кон сите, особено кон младите. Истовремено, папата Фрањо потсети дека во животот се среќавал со сестри со кисели лица, нељубезни, а тоа не е нешто што помага да се привлечат луѓе.

Првата во сето тоа – нагласи – е светоста; предизвикувачки збор, кој може да биде застрашувачки до тој степен што често се бориме да го примениме на себе. Но, тоа е повик кој не обединува и е основна цел на нашиот живот. Понатаму објасни дека светоста е радосна и привлекува, иако не е лесно да се пронајде, но со Божјата благодат можеме. Вие, како посветени лица, тоа го постигнувате пред се со следење на Христос, сведочење со евангелските совети, светотаински живот, слушање и секојдневно размислување за Божјото Слово, молитва и заеднички живот, им рече Светиот Отец на сестрите Доминиканки.

Но ги предупреди дека брборењето е голем непријател на тој план и ги замоли да се чуваат од тоа во нивните заедници, бидејќи убива и труе, и продолжи да зборува за вториот став од нивното послание: подготовката.

Тој истакна дека овде може да се користи современиот термин „професионализам“, но не во редуктивна смисла на функционална ефикасност, туку во евангелско осветување, кое се живее со проучување и континуирано продлабочување на сопствените знаења и способности, во разговор и братско споделување на научените вистини, во обновување на наставните и комуникациските методи и сè што ќе најдеме во денешната општествена динамика да се прифати, со отвореност и дијалог со секого.

Господ ни покажа дека разговарал со сите, освен со оној со кој никогаш не разговарал: ѓаволот. И кога му пријде во пустината поставувајќи прашања, Господ не му зборуваше, туку му одговори со зборови од Светото Писмо. Затоа на сестрите им потенцира дека нечестивиот доаѓа на местото каде што има заедништво на луѓе, ги гледа љубоморните и се што е човечко и затоа со него не се води дијалог, неколкупати повтори Светиот Отец и неговиот говор го заврши со зборовите:

Бидете гласници на добрината, која е дар на Духот, и на таа радост, живеејќи ја секоја средба со благодарност кон другиот во неговата света посебност. Почитувани сестри, ви благодарам за работата, особено со младите, рече Папата, истакнувајќи дека сепак го забележува недостигот од млади монахињи. Ги праша: „Колку кандидатки имате во светот? Сестрите му одговорија: „Околу десет“, на што папата Фрањо одговори: „Тоа не е многу“.

Ги повика да се ангажираат во апостолатот на нивното звање и отворено и храбро да го продолжат своето дело, кое е за нив карактеристично, подготвени да се обноват таму каде што е потребно, со светост на животот, подготовка и љубезност. На крајот ги благослови сите и ги повика да се молат за него.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот