Денес Црквата го празнува свети Антониј Велики, монах, кој уште во својата рана младост се посветил на славата Божја, жтрвувајќи го својот живот за Бога, поминувајќи го целиот свој живот во осамено место – во пустината.
Од животот на свети Антониј Велики е познато дека во својата младост ги изгубил двата родители. Кога имал 18 години, поттикнат од благодатта за време на читањето на Евангелието за време на светата Литургија одлучил да ги изврши Исусовите совети и желби за совршениот живот. Како прво им го разделил својот имот на сиромашните, земал стап и им се придружил на група монаси во пустината. Целиот негов понатамошен живот бил во одрекување и во духовен раст.
Тој живеел 20 години во некое напуштено место покрај реката Нил и таму се обидувал да ги совлада негативните страсти и да живее само за Бога. Неговата борба против искушенијата не била лесна. Демонот го прогонувал преправајќи се во најразлични форми – најчесто во животински, како свиња или претворувајќи се во верен пес.
Стекнувајќи голема духовна сила –привлекувал многумина со своите крепости. Многумина доаѓале кај него да живеат под негово духовно раководство.
На деведесетгодишна возраст помислил дека ниеден човек не поминал толку многу години во осаменост и во одрекување. При таа помисла слушнал глас кој му рекол:
„Има еден посвет од тебе, тоа е Павле Пустиник кој во осаменост и одрекувања му служи на Бога веќе деведесет години.
Свети Антониј Велики го побарал свети Павле Пустиник. На својот пат се соочил со многу чудовишта и многу искушенија. Кентаурот и сатирот му го покажале патот до Светецот, но ѓаволот му подметнал златна шипка, со цел да го одврати од понатамошното патување. Но свети Антониј со знак на светиот крст ги растерал сите искушенија, и најпосле стигнал до пештерата каде некој гавран цели 60 години секој ден носел половина леб. Кога двајцата старци почнале заедно да живеат во пустината – гавранот почнал секој ден да носи цел леб. По смртта на свети Павле Пустиник – свети Антониј се вратил во своето поранешно живеалиште каде што останал уште 14 години. Починал на својата 105 годишна возраст. Неговиот гроб бил откриен во пустината 200 години подоцна, а посмртните останки како мошти денес почиваат во Сент Џулиен во близина на Арлес во Франција.
Молитва до св. Антониј Велики
Боже, Ти му дозволил на свети Антониј Велики да ти служи со својот живот во пустината. По неговото застапништво дај ни и на нас да се откажеме од самите себе и да те љубиме Тебе секогаш и над сѐ, преку Христос, нашиот Господ. Амин.
Битно.нет/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк