Исус имал баба и дедо, но дали некогаш ги запознал?

Исус имал баба и дедо, но дали некогаш ги запознал?

Родителите на Дева Марија, свети Јоаким и света Ана, не се спомнуваат во Библијата. Сепак, апокрифното евангелие и црковната традиција ни даваат некои податоци за нив.

Лесно е да се заборави дека Исус имал баба и дедо. Една од причините е тоа што тие не се појавуваат во библиските текстови, а нивниот живот во голема мера останува непознат. Всушност, не знаеме многу за нив, па дури ни дали биле живи кога се родил нивниот Внук, Исус Христос.

Она што го знаеме за нив најмногу доаѓа од побожен апокрифен текст од 2 век, познат како Протоевангелие на Јаков. Во него родителите на Дева Марија се именувани како Јоаким и Ана. Црквата секоја година го слави нивниот спомен на 26 јули.

Дали Јоаким и Ана доживеале да Го видат Исус?

Во Протоевангелието на Јаков не е наведена нивната возраст, ниту пак јасно се кажува кога починале.

Ана е претставена како жена што долго време немала деца и многу страдала поради тоа. Во текстот таа ја изразува својата тага затоа што е бездетна. Оваа приказна очигледно се надоврзува на други библиски раскажувања за неплодни жени што подоцна, по Божја милост, добиваат дете.

Поради тоа, некои претпоставуваат дека Јоаким и Ана можеби биле во поодмината возраст кога ја добиле Марија, Мајката на Исус.

Некои историчари сметаат дека просечниот животен век во древниот Израил бил релативно краток, па затоа е можно Јоаким и Ана да починале пред да Го видат Исус. Но тоа не можеме со сигурност да го тврдиме.

Претставувања на Јоаким и Ана

Во христијанската уметност, уметниците најчесто ги прикажуваат Јоаким и Ана со малата Марија, а поретко со Исус. Затоа и во уметничката традиција ретко се среќава сцена во која Исус е претставен заедно со своите баба и дедо.

Сепак, ако Јоаким и Ана биле живи во времето на Неговото детство, Исус сигурно би ја почувствувал нивната љубов и грижа, како што и тие би ја примиле радоста да Го видат Внукот што е Спасител на светот.

Иако не знаеме дали навистина Го запознале, нивното место во историјата на спасението останува значајно. Тие се родителите на Пресвета Богородица, жената преку која Бог влезе во човечката историја.

Алетеја.к.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот