Европа и предизвикот да се остане човек

Европа и предизвикот да се остане човек

Главниот уредник и директор на „Ватикан њуз“, Андреа Торниели, размислува за претстојното четиридневно апостолско патување на папата Лав XIV во Франција и за пораката што Папата ќе ѝ ја упати на Европа.

Од Андреа Торниели

Во Magnifica humanitas, својата прва енциклика, текст за кој и понатаму се дискутира и кој се коментира на меѓународно ниво, папата Лав XIV потсети дека имаме „итна должност“ да останеме луѓе.

Пред технологијата што ризикува да се претвори во технократија, пред нападите врз човечкиот живот и достоинство, пред нечовечноста на војната и обидите таа да се прикаже како „нормална“ и „неизбежна“, со што би се оправдало трошењето огромни средства за вооружување, повикот на папата Лав да останеме луѓе станува сè поитен.

Невооружениот Петров наследник, кој го навестува Христос и Неговиот „разоружен и разоружувачки“ мир, не дејствува според логиката на моќта која денес честопати изгледа како да преовладува.

Тој нема друг интерес освен да го направи слушнат гласот на сиромашните, на оние што страдаат, на оние што жеднеат за правда, на оние што копнеат достоинството на секој човечки живот да биде признаено и на сите што работат за мир.

Франција и повикот да се остане човек

Овој повик има особено значење и за Франција, некогаш нарекувана „најстарата ќерка на Црквата“, земјата на просветителството и на Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот.

Тоа е земја чии христијански корени се видливи во богатството на нејзината уметност и катедрали, изградени низ вековите, но и во присуството на жива и активна католичка заедница.

Римскиот епископ затоа тргнува на своето петто меѓународно апостолско патување за да ги посети Париз, Лурд и Мец, во срцето на стара Европа.

Станува збор пред сè за пасторално ходочестие, чија цел е да ги зацврсти француските католички заедници во верата, но истовремено и да пренесе порака за мир и единство што ги надминува границите на самата Црква.

Папата доаѓа како Пастир

Папата не доаѓа во Ville Lumière, „Градот на светлината“, за да осудува некого, ниту за да се вмешува во француската политичка дебата.

Тој доаѓа како Пастир, за да се сретне со еден народ, со неговата историја и култура. Доаѓа да ги охрабри оние што одбиваат да се помират со нечовечноста. И доаѓа носејќи го Словото на Евангелието.

Но Евангелието не е Слово што треба да остане само во областа на идеите или на однапред очекуваните пораки. Тоа влегува во живото ткиво на историјата, се соочува со раните на нашето време и ја нуди светлината на вистината.

Тоа нè повикува да дозволиме да нè допре страдањето на оние што умираат под бомбите на војните кои се претставуваат како „неизбежни“. Тоа се војни кои можеби би можеле да бидат запрени доколку поголем простор им се даде на дипломатската креативност и сериозните преговори, наместо на интересите поврзани со вооружувањето.

Тоа е и Слово што нè повикува да ја преземеме одговорноста за оние што се тешко болни и на кои им е потребно да бидат сакани, придружувани и да не бидат оставени сами.

Истото Евангелие нè повикува да не го свртуваме погледот од оние што пристигнуваат на Стариот континент по опасното преминување на Средоземното Море, во потрага по подобра иднина.

Порака до цела Европа

Од Франција, земја горда на своите древни корени, својата историја и својата улога во светот, папата Лав XIV ќе ѝ се обрати и на Европа како целина.

Европа ризикува да го изгуби својот идентитет доколку се препушти на идеологии што ја ставаат војната и технократската логика во центарот.

Наместо тоа, таа е повикана повторно да ги открие подлабоките причини за своето единство, потребата од мир и итноста да ја брани „величествената човечност“ на секој човек, во секоја фаза од неговиот живот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Колумни

За авторот