Во своето пладневно обраќање пред молитвата „Ангел Господов“ на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV го коментираше евангелскиот пасус во кој Исус оди по водата и ја смирува бурата. Светиот Отец нагласи дека апостолите морале да поминат низ искуството на сопствената слабост, за да го препознаат Божјото присуство и да ги отворат очите и срцата за Неговата близина.
Во недела, 9 август 2026 година, за време на пладневното обраќање пред молитвата „Ангел Господов“, папата Лав XIV пред присутните верници на плоштадот „Свети Петар“ размислуваше за неделниот евангелски пасус за чудото на Исусовото одење по водата.
„По чудото со лебовите и рибите, Учителот ги поттикнува Своите ученици да влезат во коработ и да тргнат на отворено море, додека Тој се повлекува на планината, сам, за да се моли. Но далеку од брегот, учениците се наоѓаат на милост и немилост на ветерот и едвај напредуваат. По искуството на успех, во кое беа сведоци и учесници во чудесниот знак, сега се наоѓаат беспомошни и исплашени пред заканата од брановите и спротивниот ветер“, рече Папата.
Светиот Отец потсети дека во најтемниот час од ноќта Исус доаѓа кај нив по немирните води. Учениците, исплашени, најнапред мислат дека гледаат привидение. Но Тој им вели: „Бидете храбри! Јас сум! Не бојте се!“
Господовото присуство сè менува. Петар дури успева да направи неколку чекори кон Него по водата. Но кога започнува да се палиши, почнува да тоне, а Исус го спасува. Кога Учителот влегува во коработ, бурата се смирува, а од срцата на учениците спонтано извира исповед на верата: „Навистина, Ти си Син Божји!“
„За да дојдат до ова, не им беше доволно само да бидат сведоци на чуда или да доживеат успех пред луѓето“, рече папата Лав XIV. „Тие мораа да поминат низ искуството на сопствената слабост и токму во неа да го препознаат Божјото присуство. Само така навистина можеа да ги отворат очите и срцата за Неговата близина и повторно да најдат мир среде бурата.“
Петровиот наследник истакна дека ова чудо нè учи на нешто важно.
„Пред сè, да не бидеме горделиви за успехот и никогаш да не мислиме дека можеме сè да направиме сами. Но истовремено, да не очајуваме ни во моментите на темнина, кога се чувствуваме немоќни пред проблемите и кога, и покрај нашите напори, ни изгледа дека повеќе назадуваме отколку што напредуваме.“
Папата нагласи дека Исус не нè напушта во ниту една ситуација.
„Во секоја ситуација, Исус не нè остава. Ако понизно Го примиме во коработ на нашиот живот, преку молитвата, светите Тајни и слушањето на Неговото Слово, во Него ќе најдеме мир, светлина и сила за нашето патување“, рече Светиот Отец.
На крајот, папата Лав XIV се обрати кон Пресвета Богородица:
„ Марија, која беше прогласена за блажена поради својата вера, нека ни помогне да живееме и со доверба да се препуштиме на Бога.“
Ватикан њуз/к.мк

